Фото: Твитер/Зеленски

По повлекувањето на руските војници, украинскиот претседател Володимир Зеленски пријави натамошно напредување на неговите трупи кон регионалниот главен град Херсон на југот на земјата, пренесе ДПА.

– Денеска е историски ден – рече Зеленски во вечерашното видеообраќање.

– Градот сè уште не е целосно ослободен од присуството на непријателот, но украинските специјални сили веќе се на теренот – рече тој.

Жителите на Херсон ги отстранија и руските симболи од улиците и зградите.

Зеленски објави и видео на кое се гледаат колони автомобили и луѓе кои гласно и навивачки ги поздравуваат украинските војници.

– Жителите на Херсон чекаа. Тие никогаш не се откажаа од Украина. Така ќе биде и во градовите кои сè уште чекаат да ги вратиме – истакна Зеленски.

Под притисок на украинските контраофанзиви, Русија во средата најави повлекување на своите трупи од делот на Херсон северозападно од реката Дњепар. Таму се наоѓа и регионалниот главен град со истото име, Херсон.