Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски вчера изјави дека украинските власти подготвуваат нови форми на соработка со партнерите со цел да ги зајакнат воените капацитети со дронови.

– Следната недела планираме значајни меѓународни состаноци и нови форми на соработка со партнерите, особено во однос на беспилотните летала, во смисла на зајакнување на нашите способности во користењето на беспилотни летала и во спротивставувањето на руските беспилотни летала, како и во зајакнувањето на способностите на радио-електронска војна – рече Зеленски, пренесуваат украинските медиуми.

Зеленски вчера одржал многу состаноци, меѓу кои и состанок за безбедносните гаранции, што, според него, е еден од клучните приоритети на украинската влада. Тој додаде дека вчера утврдиле какви резултати треба да постигнат во блиска иднина.

Русија минатата ноќ лансираше 28 беспилотни летала и три крстосувачки ракети на украинска територија. Украинската противвоздушна одбрана уништи 21 од беспилотните летала, соопштија украинските воздухопловни сили.

Тие додадоа дека Русија главно гаѓала цели во јужна и источна Украина.

Украинското воздухопловство не прецизираше што се случило со трите руски крстосувачки ракети.

Данските власти соопштија дека ќе донираат 19 американски борбени авиони Ф-16 на Украина во вториот квартал од 2024 година, кога ќе заврши обуката на пилоти.

Данска, која ги заменува своите Ф-16 со помодерни Ф-35, и вети на Украина 19 авиони. А најавено е дека Холандија, која учествува во обуката на украинските пилоти, ќе обезбеди 42 авиони.