Фото: Инстаграм / Вoлoдимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера им го одзеде државјанството на неколку поранешни влијателни политичари, како последен чекор за „прочистување“ на земјата од проруски влијанија.

– Денеска ги потпишав соодветните документи за да направам уште еден чекор во заштитата и чистењето на нашата земја од оние кои се на страната на агресорите – рече Зеленски за време на ноќната видео конференција.

Зеленски не сакаше да ги именува, но рече дека имаат двојно руско државјанство.

Според украинските државни медиуми, на списокот има неколку водечки политичари од кабинетот на Виктор Јанукович, кој беше проруски претседател на Украина од 2010 година до неговото отстранување од функцијата во 2014 година.

На листата се најдоа Дмитро Табачник, поранешен министер за образование и наука, Андреј Кјуев, поранешен вицепремиер и шеф на администрацијата на Јанукович и Виталиј Захарченко, поранешен министер за внатрешни работи, објави новинската агенција РБЦ-Украина.

Украина им го укина украинското државјанство на голем број луѓе и санкционираше стотици руски и белоруски поединци и компании од почетокот на војната во февруари минатата година.