Две соседни згради денеска околу 9 часот и 15 минути се урнаа во францускиот град Лил. Според локалните власти, во инцидентот нема жртви, јави дописникот на МИА од Париз.
Зградите се наоѓаат на централна шопинг-улица. Жителите биле евакуирани во текот на ноќта како мерка на претпазливост откако еден од жителите пријавил сомнителни пукнатини.
– Еден млад човек се вратил дома во 3 часот по полноќ и констатирал дека ѕидот на зградата е искривен. Тој ја предупредил општинската полиција и пожарникарите, кои решиле да ја евакуираат зградата, сметајќи дека постои реален ризик – изјави градоначалничката Мартин Обри.
Таа додаде дека се евакуирани и околните згради.
Според пожарникарите, едно лице се води за исчезнато.
Една од урнатите згради била на три ката и во фаза на реновирање. Кога се урнала, ја повлекла и соседната зграда.
Инцидентот се случил пред дуќаните на шопинг-улицата да почнат со работа.
Екипи за истражување се на местото на настанот, а областа е затворена.