Според „Економист интелиџенс јунит“, групата на земји што се наклонети кон Западот претставува повеќе од 70 отсто од светскиот БДП. Но заедно, земјите што се против Русија сочинуваат само 36 отсто од светското население. Од друга страна, околу две третини од луѓето живеат во земји чии влади се неутрални или наклонети кон Русија. Индија и Кина, кои заедно сочинуваат околу една третина од светското население, покажуваат други тенденции, се вели во анализата…

Анализа: Како се поделија државите во светот по украинскиот конфликт?

Со почнувањето на воената операција во Украина, конфликтот го подели светот во три големи категории: влади што се наклонети кон Западот, влади наклонети кон Русија и неутрални држави во однос на конфликтот.

Колку и да е контрадикторна, оваа констатација експлицитно е објавена и во угледниот „Економист“, поаѓајќи од заклучоците од истражувањето што го спроведе „Економист интелиџенс јунит“ за да ги оцени реакциите на владите во светот откако изби конфликтот во Украина и нивниот став кон тоа. Но анализата ги зема предвид и историските врски на државите со Русија што се наклонуваат на нејзина страна…

Според податоците понудени на јавноста, вкупно 131 земја се против Русија. Во оваа група спаѓаат повеќето богати држави во Северна Америка и Европа. Дури и историски неутралните влади, како оние во Финска, Шведска и Швајцарија, зазедоа решителен став против инвазијата. Според „Економист интелиџенс јунит“, групата на земји што се наклонети кон Западот претставува повеќе од 70 отсто од светскиот БДП. Но заедно, земјите што се против Русија сочинуваат само 36 отсто од светското население.
Од друга страна, околу две третини од луѓето живеат во земји чии влади се неутрални или наклонети кон Русија. Индија и Кина, кои заедно сочинуваат околу една третина од светското население, покажуваат други тенденции.

Кинеската влада, класифицирана како наклонета кон Русија во истражувањето, избегна директна осуда на постапките на Путин и веројатно нема да застане на страната на Западот. Владата во Индија, која е класифицирана како неутрална, го зголеми својот ангажман со руската влада, особено преку намалените цени на нафтата.

Неутрални или наклонети кон Русија не се само владите во овие многу населени земји. Според истражувањето во Индија спроведено од „Југов“ во март, 40 отсто од испитаниците ја одобруваат специјалната воена операција на Русија во Украина. Педесет и четири отсто од анкетираните го одобруваат раководството на Путин (во споредба со 63 отсто што ја одобруваат владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски). Вакви податоци не се собрани во Кина, но анкетите на интернет укажуваат на поголема поддршка за Русија.

Околу 30 отсто од светското население живеат во 28 земји чии влади се класифицирани од „Економист интелиџенс јунит“ како наклонети кон Русија. Како и Кина, тие вклучуваат погусто населени држави, како Пакистан и Етиопија. За некои, како Еритреја и Сирија, Русија е клучен сојузник.

Триесет и две влади одлучија да останат неутрални, вклучувајќи ги Бангладеш, Бразил и Индија. Неколку земји во развој гледаат на неутралноста како стандарден избор за надворешна политика, што е наследство на движењето на неврзаните за време на Студената војна, како противтежа на поларизацијата на светот на два блока.
Офанзивата на Путин во Украина наиде на широка осуда на Западот. Неодамнешните обвинувања за воени злосторства би можеле да ја чинат Русија губење дополнителна поддршка на меѓународно ниво.

Подготвил: Марјан Велевски