Фото: Фејсбук / Александар Вучиќ

-Денес е еден од најтешките денови во современата историја на нашата земја. Изразувам сочувство до семејствата, родителите, браќата, сестрите, бабите и дедовците на убиените деца, како и до децата и семејството на убиениот обезбедувач – рече во своето обраќање претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по масакрот кој утрово го изврши 14-годишник во училиште во Белград.

-Моравме да ги погледнеме примероците, да ја погледнеме одговорноста на секој од нас и да бараме решение за вакво нешто, колку и да е непредвидливо и неочекувано, никогаш да не се повтори, но живееме во таков свет што се е возможно. Не брзав, никој не брзаше да дава изјави, сакавме да погледнеме се, каде тргнал системот наопаку, каде лежи одговорноста на секој од нас затоа што не можеме да ги вратиме децата на нивните родители – истакна претседателот на Србија.

Тој изјави дека момчето ќе биде сместено во посебен дел на Клиниката за невропсихијатрија и дека ќе се оценува сечија одговорност.

-Неговиот татко е уапсен како сопственик на оружјето кое очигледно го чувал нелегално, иако ги имал сите потребни дозволи. Приведена е и мајката – рече Вучиќ, додавајќи дека родителите се должни да зборуваат за вистинските причини и одговорност во врска со многуте приказни и невистини кои се шират на социјалните мрежи.

Претходно денеска во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар во 08:40 часот, ученикот од седмо одделение К.К. (14) пукал во обезбедувањето и учениците, при што убил осум ученици и еден член на обезбедувањето, а повредени се шест деца и еден наставник.

Вучиќ предложи да се воведе мораториум за чување и носење оружје во наредните две години, освен за ловечко оружје. Потоа, да се изврши ревизија на сите издадени дозволи и да се контролира начинот на кој лицата го чуваат оружјето.

Тој предложи и да се изврши контрола на сите стрелишта во Србија и дали малолетниците имаат пристап до нив и предложи кривична одговорност за сите кои дозволуваат малолетници да дојдат во контакт со огнено оружје.

Вучиќ изјави дека како претседател и предлага на Владата да размисли за намалување на кривичната одговорност на малолетниците од 14 на 12 години, што, како што наведе, ќе биде нешто за што ќе се „кршат копја“.