Фото: Пиксабеј

Директорот и еден наставник во училиштето „Жозеф Лаканал“ во Обањ, на југот на Франција, денеска беа ранети со огнено оружје во напад за кој е осомничен 14-годишен ученик, пренесува францускиот весник „Фигаро“.

Според објавените информации, нападот се случил пред училиштето во градот Обањ, во департманот Буш-ди-Рон. Осомничениот ученик наводно пукал со пиштол со калибар од девет милиметри и со сачмарка.

Ранетите директор и наставник биле пренесени во болница, додека осомничениот бил брзо уапсен.

-Пукаше четири или пет пати и брзо по нападот беше уапсен – соопшти локалната полиција.

На местото на настанот интервенирале локалната полиција и противпожарната служба. За денеска попладне е најавена и посета на Обањ од страна на француските министри за внатрешни работи и за национално образование, како и министерот делегат задолжен за стручно образование, обука и професионална пракса.

Нападот се случува во период кога во повеќе делови на Франција се одржуваат протести на средношколците поради незадоволството од состојбите во образованието и условите за школување.