По десет години од проектирањето, денеска официјално почна изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, дел од Коридорот 8, која треба да ги поврзе автопатите Кичево – Охрид и Тетово – Гостивар – Букојчани, пренесе МИА.
Делницата ќе биде долга 11,5 километри, со две сообраќајни ленти и една лента за застанување во секоја насока. Проектираната брзина на движење ќе изнесува од 110 до 130 километри на час. На трасата се предвидени пет мостови, еден тунел, два вијадукти и две клучки, а рокот за изградба е четири години.
За реализација на проектот се обезбедени 119 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант од 20 милиони евра од Европската Унија и дополнителни 300 илјади евра преку Фондот на Европската Унија за Западен Балкан.
На официјалниот почеток на изградбата се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека со оваа делница се заокружува поврзувањето на Скопје и Охрид со автопатска инфраструктура.
Тој посочи дека Владата има цел Македонија да се развива како крстосница на двата паневропски коридора – Коридорот 8 и Коридорот 10, преку инвестиции во патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура.
Според Мицкоски, ваквото геостратешко позиционирање може да придонесе за економски развој, привлекување инвестиции и развој на современи индустрии.
-Политиката на оваа Влада кога беше избрана во 2024 година беше да ја направи земјата крстосница која што ќе се темели на четири столба. Тогаш почнавме со три столба, но некако како одминуваше времето таа наша цел и тој предизвик го проширивме и денеска зборуваме за четири столба. Тоа е да бидеме крстосница на два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10 во смисла на патна инфраструктура, железничката инфраструктура, енергетската инфраструктура и гасната инфраструктура – рече Мицкоски.
Премиерот оцени дека по 27 до 28 месеци работа се појавуваат првите показатели за реализација на владините проекти и консолидација на државата, во услови на, како што наведе, голема енергетска криза на глобално ниво.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека изградбата се одвива на планински терен, кој е тежок и предизвикувачки. Тој изрази очекување дека компаниите задолжени за надзор и изведба ќе ја завршат работата во предвидениот рок.
Николоски нагласи дека инвестициите во патната и железничката инфраструктура треба да придонесат за економски напредок и политичка стабилност, имајќи ја предвид географската положба на Македонија.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, рече дека на подготовката на проектот интензивно се работело две и пол години.
-Не зборуваме за планови, почнуваме со изградба на 11,5 километри. Следната година ќе го пуштиме автопатот Кичево – Охрид, а интензивно се работи и на автопатот Тетово – Гостивар, така што денеска го почнуваме делот што недостига, односно делот што ќе ги поврзува овие автопатски делници – рече Трајановски.
Тој најави дека автопатот ќе биде без патарини и изрази очекување дека, по завршувањето на инфраструктурните проекти, патувањето од Скопје до Охрид ќе трае помалку од час и половина.
Во однос на експропријацијата, Трајановски информираше дека е потребно да се експроприраат околу 1.000 катастарски парцели, од кои досега се завршени 97 проценти.
































