Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи седумдневна жалост поради катастрофалниот земјотрес кај Газиантеп, јави Анадолија.
Генералното собрание на Обединетите нации,пак, со едноминутно молчење им оддаде почит на жртвите од разорниот земјотрес во Турција и Сирија.
Серијата разорни земјотреси што денеска ја погодија Турција не претставуваа закана за нуклеарните капацитети во земјата, вклучувајќи ја и нуклеарната централа Акују, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
– Досега нема влијание на земјотресот врз нуклеарната безбедност во Турција. Турското нуклеарно регулаторно тело ја информираше МААЕ дека во моментов нема никакви прашања што претставуваат закана за радиолошката безбедност – објави МААЕ на Твитер.
Се стравува дека загинале околу десет илјади луѓе по двата катастрофални земјотреси кои опустошија делови од Турција и Сирија.
Со оглед на тоа што температурите ќе се спуштат до речиси нула во текот на ноќта, спасувачите сега се во очајна трка со времето за да стигнат до десетици преживеани заробени под урнати згради и во опасност од смрзнување до смрт пред да пристигне помошта, пишува Дејли мејл.