Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Зорица Зафировиќ, дерматолог

Сончањето како намерно изложување на нашето тело на ултравиолетовиот спектар на сончевото зрачење може да индуцира видливи промени на нашата кожа. Многу луѓе потемнетиот тен на кожата го сметаат за симбол на атрактивност и добро здравје. Меѓутоа, темниот тен е само знак на оштетување предизвикано од УВ-зраци и обид на кожата да ги минимизира понатамошните оштетувања.
Современите научни информации ги потврдуваат штетните ефекти од прекумерната експозиција на УВ-радијација. Интензивна и/или пролонгирана експозиција на природна и вештачка УВ радијација може да резултира со појава на акутни и хронични оштетувања на кожата:
• Акутни – изгореници, фотосензитивни дерматози

• Хронични – предвремено стареење на кожата, преканцерозни лезии и кожни карциноми.

Сериозноста на кожните оштетувања зависи од:
• Должината и интензитетот на експонираност на УВ зраци
◦ долготрајна континуирана кај професионална експозиција (земјоделци, градежни работници, морнари, спортисти);
◦ краткотрајна интензивна во текот на летните и зимските рекреативни одмори/викенди и патувања во егзотични предели;
◦ честа посета на солариуми поради желба за исончан изглед.

• Фототипот на кожата (способноста на кожата за потемнување) – посериозни оштетувања настануваат кај светлата боја на кожа.

Ултравиолетова радијација е дел од електромагнетниот спектар на Сонцето која ја допира површината на планетата Земја. Комбинираната интензивна и долготрајна експозиција на кожата на УВ-А и УВ-Б зраци е научно докажана како многу штетна. Таа креира иреверзибилни оштетувања на кожата со појава на изгореници, предвремено фотостареење до карциноми.

Kожата има неизбришлива меморија за изложеноста на ултравиолетово зрачење. Постојат евидентни докази дека и двата типа ултравиолетови зраци (УВА и УВБ) од сонцето или солариумите предизвикуваат оштетување на кожата. Прекумерната УВ радијација ги оштетува клеточните структури во кожата (ДНК) и продуцира генетски мутации кои водат до појава на карцином. Светската здравствена организација (СЗО) ги потврдила УВ зраци како карциноген фактор. УВ радијација се смета дека е главна причина за појавата на немеланомските (базоцелуларен и спиноцелуларен) кожни карциноми. Многу експерти веруваат дека УВ радијација исто така има улога во развојот на меланом на кожа, посебно кај индивидуи со светла кожа и коса.
Сончањето е единствен фактор на ризик на кој може да се делува и тоа од најраното детство. Препораките за заштита се однесуваат на максимално избегнување на интензивна и долготрајна експозиција на природна (сонце) и вештачка УВ радијација (солариуми), престојување во сенка, покривање на откриените делови на телото со заштитна гардероба и аплицирање заштитни средства во доволна количина со СПФ 50+ (Sun Protection Factor) и широк спектар на дејство (УВБ/УВА). Овие препораки треба задолжително да се применуваат кај најмладата популација-деца и адолесценти, чија кожа е посебно чувствителна и брзо гори без соодветна заштита. За многу мали деца и бебиња најдобро правило е да се изнесуваат во надворешна средина во периодот од денот кога сонцето не е интензивно.

Превенција од појава на акутни и хронични оштетувања на кожата значи заштита на кожата од познатите ризик фактори. Бидејќи главниот фактор на ризик се УВ зраци од природен и вештачки извор, најефективен превентивен метод е избегнување на намерното експонирање на интензивно сонце и солариуми.

Во нашата земја свеста за опасноста од УВ зрачење, за жал е сѐ уште ниска и затоа е неопходна едукација на населението со информирање за постоење на евидентни докази дека сериозните изгореници во детство и адолесценција може да водат кон развој на карцином на кожа две или повеќе децении подоцна во животот.

Кога треба да се започне со заштита од штетните УВ зраци?
Уште од најрано детство е потребна едукација со информирање и подигнување на свеста за опасноста од УВ зрачење, поради тоа што е научно докажано дека дури 80% од УВ зраци се добиваат до 18 годишна возраст.

Препораки
Запознајте ја својата кожа и грижете се за неа!

• Избегнувајте сончање кое доведува до појава на изгореници, посебно во временскиот период од 10 до 17 часот.
• Заштитете ги децата и адолесцентите од прекумерно сончање, детската кожа е нежна и брзо гори!
• Престојувајте во сенка, но имајте на ум дека таа нуди само 50% заштита од УВ зраци.
• Запомнете дека песокот и камењета ги рефлектираат сончевите зраци, дури и кога сте под чадор за сончање.
• Носете заштитна гардероба која треба да ги покрива откриените делови на телото и капи за заштита на главата и лицето.
• Носете квалитетни наочари со 100% УВ заштита.
• Не посетувајте солариум!
• Правете самопреглед на кожата еднаш месечно!
• Редовно одете на дерматоскопски преглед кај дерматолог!
Користете квалитетни средства за фотозаштита на кожата со СПФ 50+, со широк спектар на дејство (УВА/УВБ) за блокирање на УВ-А и УВ-Б сончеви зраци.
• Намачкајте ја кожата со средство за заштита на кожата половина час пред излегување во надворешна средина, во доволна количина на сите откриени делови на телото.
• Нанесувајте го заштитното средство на секои два часа дури и во облачни денови, а после пливање или потење во тек на физичка активност повторете ја постапката.
• Користењето на заштитни средства не е резервирано само за на плажа или планина, подеднакво е важна секојдневната заштита на отворено за време на секојдневните активности.

Медицинските дерматолошки производи за фотозаштита на кожата нудат многу повеќе во споредба со вообичаените козметички средства, овозможувајќи комплетна заштита на сите структури на кожата од оштетувања предизвикани од ултравиолетовите зраци. Покрај високото ниво на УВ заштита, медицинските дерматолошки фотозаштитни производи овозможуваат и антивоспалителна, антимикробна и заштита на структурите на ДНК во клетките на кожата.
Постојат евидентни научни докази кои ја потврдуваат делотворноста на дерматолошките средства за заштита од УВ зрачење за спречување на болните изгореници, фотостареење на кожата и појава на карциноми на кожа, но само под услов да не се користат за продолжување на експозицијата на невидливите УВ зраци.
Медицинските дерматолошки фотозаштитни средства постојат во различен облик (крем, гел, стик, спреј, лосион, масло или млеко) соодветни за индивидуалните потреби на секој тип на кожа (нормална, сува, комбинирана, масна, кожа со дамки, еритематозна, чувствителна, детска, возрасна), имаат УВА/УВБ филтри и висок заштитен фактор СПФ 50+.
Користењето на дерматолошки фотозаштитни средства е важно за време на секојдневните активности на отворено во текот на целата година, а не само за време на летните и зимските одмори. Се препорачува задолжително користење на дерматолошките фотозаштитни средства половина час пред излегување во надворешна средина, во доволна количина на сите откриени делови на телото со повторување на постапката на секои два часа и задолжително после пливање или потење за време на физички активности.