Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Симеон Могилевски, психијатар

Зборот АГОРАФОБИЈА потекнува од старогрчките зборови agora (плоштад) и phobos (страв). Агорафобијата се карактеризира со интензивен фобичен страв од јавни места и од места на кои добивањето медицинска помош, во случај на потреба е отежнато-широки и отворени простори како што се: плоштадите, автопатиштата, мостовите, големи затворени простори како што се големите трговски центри, театри, концертни сали и др. Посебноста на растројството го прави и постоењето на интензивен страв од возење во автобусите, возовите , средства на јавниот сообраќај, со исклучок на такси превозот. Степенот на фобичен страв може да биде со различен интензитет и да го онеспособи субјектот во нормалните социјални ангажмани, бидејќи болниот од агорафобичните стравувања се брани со неизлегувањето од својот дом.
Стравот речиси секогаш има димензии на паника и е придружен со многубројни вегетативни феномени ( тахикардија, гушење, препотување, трнење на делови од телото, вртоглавица …) .
Етиологијата на фобичните растројства се објаснува со широк спектар на теории: психоаналитичка, бихејвиорална, когнитивна и биолошка.

Клиничка слика

Иако кај заболените уште од најраното детство се манифестираат низа карактеристични особини како што се пречуствителност, плашливост, енуреаза, ноќни стравови, одбивање да оди на училиште, страв од одвојување од родителите, кај нив ретко се изразени симптоми на растројството во детството.
Клиничката слика е многу специфична за агрофобиите. Заболениот чувствува напад на паника, голема вознемиреност и напнатост, постојано е во движење, подготвен е да бега од местото на кое се чувствува загрозен. „Апел однесување“ е многу карактеристично во фаза на доживување на нападот на паника. Болниот повикува Брза помош или лично оди таму или пак се упатува на преглед во ургентните центри. Антиципираниот страв, или страв од стравот, се јавува како последица од доживеаните напади на паника поради страв и предвидување дека нападите може повторно да се јават. Интензивното доживување страв од стравот доведува до развој на друг специфичен феномен карактеристичен за агрофобијата однесување на одбегнување. Тоа може да се манифестира активно, со бегство од изворот на закана и пасивно, кога доаѓа до инхибација на реакцијата и однесувањето на личноста. Се развива постепено, прво се одбегнуваат ситуациите и местата каде што пациентот ја доживеал првата непријатност, а потоа се поголем број места и ситуации.

Развиената клиничка слика на агрофобијата ја карактеризираат и специфични облици на стравови : да се остане и да се биде сам, страв од патување, од капење во када, затворени прострии, возење во лифт, летање со авион, чекање во ред, страв од раздвојување од блиска личност и др. Основна одлика на однесувањето на заболените од агрофобијата е да обезбеди заштита и сигурност (присуство на друга личност со нив, наочари за сонце, бастун…) и да го избегне стравот и нападот на паника. Активноста, навиките и се друго се подредени, што подрзабира специфичен начин на однесување на овие пациенти (живеалишта на приземје, движење по познати улици, патеки, и делови од градот, избегнување на средства од јавен превоз, чувство на сигурност во сопствениот автомобил. Тие имаат потреба од постојан придружник без кој не можат сами да живеат дома ниту да се движат надвор. Во тек на растројството , како псоледица често се опсервираат и депресивни кризи.

Тек и прогноза

Агорофобијата е хронично заболување кое има тенденција да трае долго време и да поминува низ различни фази. Терапијата на агорафобијата е комбинирана, се применуваат: фармакотерапија од групата на анксиолитици и антидепресиви SSRI. Психотерапија- психоаналитичка и когнитивно – бихејвиорална терапија во комбинација со релаксирачки вежби (аутоген тренинг). Двете психотераписки методи се комбинираат со фармакотерапија.