Креативно лето (4)
- Драги читатели, долгото топло лето е пред вас. Знаеме дека ќе имате
доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето ќе другарува со вас, подготвивме нова рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“, во секој број, со интересни активности ќе ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра
За оваа активност, потребно е на обични бели листови да се нацртаат различни геометриски форми и линии (круг, квадрат, цикцак-линија, брановидна линија, крст и сл.) и да се постават пред едното дете. Другото дете избира една од дадените форми што се наоѓаат пред првото дете и со прст внимателно ја исцртува на грбот на детето што гледа во формите. Детето треба да препознае која форма е „нацртана“ на неговиот грб и да ја покаже или именува. Потоа улогите се заменуваат. Играта е предвидена за деца над четири години.
Цели на активноста се развој на тактилната перцепција, подобрување на концентрацијата и вниманието, поттикнување на визуелната перцепција и препознавање форми, развој на меморијата и способноста за поврзување тактилни и визуелни информации, јакнење на комуникацијата и соработката меѓу децата, подобрување на работната меморија и брзината на обработка на информации и поттикнување на сензорната интеграција.
Активноста го поттикнува развојот на сензорната интеграција – способноста мозокот да ги прима, да ги организира и да ги поврзува информациите добиени преку различни сетила. Детето ја споредува формата што ја чувствува преку допир со формите што претходно ги видело, со што се зајакнуваат концентрацијата, меморијата, визуелно-просторната ориентација и способноста за препознавање симболи.
Активноста е интересна, забавна и лесно применлива во училиште, градинка или во домашни услови.
Нина Попадинова
































