Исхрана кај децата во лето (1)
- Овошјето и зеленчукот треба да се комбинираат со извори на протеин, здрави масти и со сложени јаглехидрати, за детето да добие соодветна хидратација и подолготрајна ситост, подобра енергија и целосен нутритивен оброк, советува нутриционистката Елена Рајкоска
Освен да се трча, да се плива, да се скока и да се ужива во сето она што го носи летото, важно е и што и како се јаде. Децата во лето ги менуваат навиките бидејќи имаат повеќе слободно време и се надвор од рутината што ја практикуваат за време на учебната година. Често, во игра може да се заборави да се јаде или, пак, да не се јаде тоа што треба. Околу тоа каква треба да биде исхраната во лето кај децата побаравме совети од нутриционистката Елена Рајкоска.
Сезонското овошје и зеленчук ја одржуваат рамнотежата
Таа смета дека кога зборуваме за летна исхрана кај децата, првата асоцијација најчесто е водата. Но во топли денови хидратацијата не зависи само од тоа колку вода испило детето, бидејќи преку потењето телото губи течност, но и минерали.
– Доколку внесувањето храна е намалено и доколку оброците се нередовни или не се доволно хранливо составени, водата сама по себе не секогаш е доволна за детето да има стабилна енергија, добар апетит и нормална регулација во текот на денот – вели Рајкоска.
Затоа, според неа, летната хидратација треба да се гледа пошироко: како внесување течност, минерали и хранливи материи преку вода, но и преку свежа сезонска храна.
– Краставицата, доматот, лубеницата, дињата, праската, тиквичката, јагодите и други летни плодови природно содржат вода, растителни влакна, калиум, органски киселини и други компоненти што му помагаат на телото подобро да ја одржи рамнотежата во топол период.
– Детето не секогаш ќе каже дека е жедно. Кај помалите деца, а често и кај поголемите, недоволната хидратација прво се забележува преку однесувањето и енергијата. Родителот може да забележи дека детето е сонливо, раздразливо, плачливо, побрзо се заморува, има главоболка, сува уста, сув јазик, потемна урина или мокри поретко од вообичаено – посочува Рајкоска.
Kaко што вели таа, постојат ситуации кога ова не е тема за исхрана, туку за медицинска процена. Ако детето е збунето, изразено млитаво, повраќа, има висока температура, силна главоболка, не мокри подолго време или изгледа сериозно болно, потребно е да се побара лекарска помош.
Свежо овошје и овошен сок не се исто!
– Најчестата грешка што се прави во лето е кога свежата храна се заменува со цедени сокови, кашести сокови или замрзнато миксирано овошје сервирано во форма на сладолед. На прв поглед тоа изгледа како добар избор, затоа што доаѓа од овошје, но за организмот не е исто дали детето ќе изеде цел плод или ќе внесе повеќе овошја во течна, блендирана или замрзната форма – подвлекува нутриционистката.
Кога детето јаде цело овошје, постои природна граница: џвака, јаде побавно, ја чувствува текстурата и полесно препознава ситост. Кога овошјето е исцедено, изблендирано или замрзнато како овошен сладолед, таа граница се губи. Детето може за кратко време да внесе поголемо количество природни шеќери отколку што би внело ако го јаде овошјето цело.
– Затоа свежата сезонска храна е најкорисна кога е дел од оброкот, а не кога целосно го заменува. Овошјето и зеленчукот треба да се комбинираат со извори на протеин, здрави масти и со сложени јаглехидрати, за детето да добие соодветна хидратација и подолготрајна ситост, подобра енергија и целосен нутритивен оброк – советува нутриционистката Елена Рајкоска.
Ф.Д.
































