Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска најави три нови одбранбени иницијативи, во момент кога Алијансата го отвори својот самит за 2026 година со форум за одбранбена индустрија, фокусиран на засилување на заедничките набавки и индустриската соработка.
Говорејќи на Форумот за одбранбена индустрија на НАТО, кој е прв официјален настан од дводневниот самит во Анкара, Руте претстави проекти со цел проширување на сојузничките капацитети во воздушната поддршка, разузнавањето и надзорот.
Првата иницијатива е мултинационална програма за модернизација центрирана околу транспортниот авион „Ербас А400М“ и флотата на „Ербас А330 МРТТ“ (Airbus A330 MRTT – повеќенаменски авион-танкер и транспортно летало).
– Неколку сојузници официјално ја најавуваат претстојната испорака на дополнителни авиони „Ербас А330 МРТТ“ – рече Руте, опишувајќи го проектот како чекор кон зајакнување на стратешките капацитети на НАТО за воздушен транспорт и полнење гориво во воздух.
Тој, исто така, најави заеднички проект за набавка на беспилотни летала „МК-4Ц Тритон“ (MQ-4 C Triton) за да се засилат сојузничките капацитети за разузнавање, надзор и извидување (ИСР – ISR).
– Овие дополнителни летала ќе обезбедат постојан надзор над големи поморски области – рече тој.
Третата објава на Руте беше фокусирана на замена на застарената флота на НАТО од Системот за воздушно предупредување и контрола (Авакс – AWACS), пренесе Анадолија.
Сојузниците во НАТО заеднички ќе набават до десет летала за надзор од шведско производство „Сааб Глобалај“ (Saab GlobalEye) за да ја заменат застарената сојузничка флота од авиони „Боинг Е-3А Сентри“ (Boeing E-3 A Sentry AWACS) од американско производство.
Самитот на НАТО продолжува до утре, при што лидерите на сојузниците ќе разговараат за инвестициите во одбраната, воената поддршка за Украина и напорите за проширување на одбранбената индустриска база на Алијансата, пренесува МИА.
































