КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029

  • Македонската репрезентација без пораз се пласира во вториот дел од претквалификациите за ЕП 2029, кој ќе почне на 27 август, ќе играат вкупно 12 селекции, а досега се пласираа Македонија, Бугарија, Словачка, Норвешка, Данска, Романија, Швајцарија, Велика Британија, Кипар и Белгија

Македонската машка кошаркарска репрезентација во првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година оствари максимален ефект од шест победи откако славеше и на гостувањето во Луксембург, со 80-66, во групата А, во која на табелата зад Македонија се Луксембург, Ирска и Азербејџан, со по две победи и четири порази. Избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал без пораз го заокружија првиот претквалификациски циклус и покрај тоа што имаше проблеми со некомлетниот играчки состав. Во Луксембург не играа Андреј Јакимовски, Марко Луканоски, капитенот Војдан Стојановски, а на местото на Стјуарт Јуниор дебитира Нејт Сестина.

– Во првото полувреме, кога имавме повеќе можности за ротација, игравме многу добро. Добро ја движевме топката, ја делевме одговорноста во нападот и одигравме квалитетна кошарка. Во второто полувреме беше очекувано Луксембург да реагира пред својата публика, направи одредени тактички промени, а ние со скратената ротација почнавме да чувствуваме замор кај дел од играчите. Сепак, најважно е што се натпреварувавме сите 40 минути и заслужено победивме. Таквите победи носат самодоверба и се многу значајни за развојот на тимот. Ни недостигаа неколку значајни играчи, особено на бековските и на центарските позиции, но секогаш мораме да се фокусираме на оние што ги имаме на располагање. Играчите кои настапија одговорија на задачите и тоа е најважно – рече Берокал, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Следниот дел од претквалификациите ќе почне на 27 август, а ќе играат 12 селекции. Досега се пласираа Македонија, Бугарија, Словачка и Норвешка од првиот циклус претквалификации, а ќе настапат и осум репрезентации елиминирани од квалификациите за Светското првенство во 2027 година (досега Данска, Романија, Швајцарија, Велика Британија, Кипар и Белгија). Победниците на четирите групи ќе се пласираат во квалификациите, а другите селекции ќе играат во третата фаза од претквалификациите.

– Одигравме одличен натпревар против Луксембург и заслужено завршивме на првото место во групата. Во текот на целиот меч се држевме до тактиката на селекторот, што на крајот ни донесе посакуван резултат. Среќни сме што ја завршивме првата фаза како лидери и што обезбедивме пласман понатаму. Сега останува да продолжиме со истата посветеност и во следните квалификации, каде што ќе дадеме сѐ од себе за нови успеси – рече бекот Виктор Ефремовски, пренесе КФМ. Г.И.


Група А, 6. коло

Луксембург – Македонија 66-80
Азербејџан – Ирска 70-76

ТАБЕЛА
Македонија 6 6 0 489-387 12
Луксембург 6 2 4 479-493 8
Ирска 6 2 4 451-485 8
Азербејџан 6 2 4 431-485 8