Неколку илјади луѓе денеска протестираа во главниот град на Јужна Кореја, Сеул, осудувајќи ги обидите на Владата да принуди илјадници камионџии, кои штрајкуваат да се вратат на работа.
Демонстрантите, претежно членови на Корејската конфедерација на синдикати, ја обвинија конзервативната Влада на претседателот Јун Сук-јол за угнетување и игнорирање на работниците, како и тешките работни услови, финансиските проблеми и поскапувањето на горивото.
Јужнокорејската Влада на 29 ноември нареди околу 2.500 возачи на камиони за превоз на цемент да се вратат на работа, наведувајќи дека со напуштањето на нивните работни места се загрозува економијата.
Не е познато колку возачи се вратиле на работа по наредбата, бидејќи синдикатите се согласија да го продолжат штрајкот, што трае од минатата недела.
Штрајкувачите истакнуваат дека утврдувањето на минимална транспортна цена е клучно за нивната економска и лична безбедност. Тие тврдат дека се принудени небезбедно да возат поради потребата да се зголеми бројот на испораки за да можат да заработат.
Владината наредба сега првпат е издадена откако во 2004 година беше донесен Законот, што предвидува штрајкувачот освен поради „оправдани причини“ мора да се врати на работното место. Секој кој нема да се врати на работа може да се соочи со казна затвор до три години или парична казна од 22.400 долари.