Фото: принтскрин

Во Москва илјадници луѓе се собраа на стадионот „Лужники“ на митинг-концерт по повод годишнината од војната и Денот на бранителите на татковината.

На концертот кус говор одржа рускиот претседател Владимир Путин.

– Денеска, во рамките на специјалната операција се собравме на оваа празнична манифестација и во овој момент се водат битки на нашите историски територии за нашиот народ. Нашите војници се борат херојски и храбро. Ние сме горди на нив. Три овации во нивна чест. Тие треба да ги слушнат нашите поздрави. Денес тие се поддржани од целата земја. Целиот народ ја брани татковината – рече Путин обраќајќи им се на насобраните.

– Кога сме заедно, никој ништо не ни може. За единството на рускиот народ! – рече Путин, додека толпата извикуваше „Русија, Русија, Русија“.

На неговиот говор му претходеа музички изведби и говори, кои ги слушаа илјадници луѓе на температура од 12 степени под нулата, која во моментот е во Москва, пренесуваат локалните медиуми.

Според руските медиуми, на гледачите им биле поделени ќебиња и знамиња, а поделени се и храна и пијалаци – чај и колбаси.

„Москва тајмс“ пишува дека една владина институција принудила 70 отсто од своите работници да присуствуваат на денешниот провоен митинг, каде што организаторите исто така ветија дека на учесниците ќе им обезбедат топли оброци и руски знамиња.

– Да бидам искрен, мислам дека тоа е апсурдно. Мораме да одиме и ништо не можеме да направиме за тоа. Властите го користат како пропагандно средство за да се покажат во очите на патриотите и оние што гледаат телевизија. На настанот не би отишол доброволно – цитира весникот државен службеник.