Додека се разгорува дебатата за проширувањето на ЕУ пред самитот на Европската политичка заедница следната недела во Гранада, украинскиот премиер Денис Шмигал јасно дава до знаење дека Украина не сака да биде членка на ЕУ од втор ред.
Шмигал го рече ова додека земјите од ЕУ го разгледуваат француско-германскиот предлог за попостепен пристап кон проширувањето на ЕУ.
Во изјава за „Политико“ тој истакна дека целта на Украина е „да стане полноправна кандидатка за полноправно членство“ во ЕУ. Шмигал вети и дека ќе ја внесе својата земја во Унијата во следните две години.
„Вложуваме максимални напори за да обезбедиме Украина да стане полноправна членка на ЕУ. Ова е од критично значење за сите Украинци“, рече Шмигал, објави денеска бриселскиот портал.
Тој додаде дека Украина ги исполнила сите седум услови на Европската комисија од јуни 2022 година за преминување во следната фаза од процесот на пристапување.
Шмигал рече дека украинската влада оваа недела усвои резолуција која вклучува признавање на правата на националните малцинства. Набљудувачите сметаат дека тоа е понуда на „маслиново гранче“ на Будимпешта, која имаше забелешки за третманот на етничките Унгарци во Украина.
Европската комисија има рок до крајот на октомври да ги оцени напорите на Киев.
Тој рече и дека Украина е во единствена позиција.
– Сакаме да бидеме полноправна членка бидејќи денес Украина е единствена земја… која плати огромна цена за тоа што сака да биде членка на ЕУ, рече Шмигал.
Тој, исто така, истакна дека повеќе од 90 отсто од Украинците сакаат нивната земја да биде полноправна членка на Унијата.