Фото: Пекселс

Нема да има компромис во делот на одлуките на Владата за цените на прехранбените производи. Очекуваме сите производители, дистрибутери и увозници да ги намалат цените согласно одлуката на Владата, а синџирите на супермаркети да бидат општествено одговорни и да ја спроведат одлуката, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

– Ние сме тука за да им излеземе во пресрет за да го зголемат производството и да станат што поконкурентни во делот на покривање на домашниот пазар, како и во иднина да станеме извозници во дел од секторите – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на најголемата млекарница во земјава „Би-милк“ во Битола.

Во однос на затворањето на објектите кои не ја почитуваат одлуката, рече дека се случува генерално во големите синџири на супермаркети.

– Ги немам денешните надзори, но до вчера десетина маркети во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Струга, и Кавадарци беа затворени. Најмалку до 30 ноември Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе постапува согласно одлуката на Владата и согласно Законот за заштита на потрошувачите во делот на крајната заштита на потрошувачите. Целта на институциите на државата не е да ги затвораат бизнисите, но кога државата треба да биде регулатор меѓу бизнисите и потрошувачите сите во синџирот треба да ги почитуваме тие мерки. Ако граѓаните, производителите, дистрибутерите се општествено одговорни, секако дека треба да бидат и синџирите на супермаркетите. Ако не се во правна држава има други механизми – посочи Бектеши.

Нагласи дека Министерството за економија веќе прати допис за целосно почитување на Законот за заштита на потрошувачите од страна на инспекторите на ДПИ и додаде дека се подготвени на дневна основа да направат надзор на начинот на кој се прават контролите.