Фото: Твитер

Украина е подготвена да преговара за неутрален статус со Русија, но бара безбедносни гаранции, изјави денеска советникот во кабинетот на претседателот на Украина, Михаил Подољак.

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денеска оцени дека Москва ќе мора да разговара со Киев за запирање на инвазијата, наведувајќи дека колку побрзо почнат разговорите, толку ќе бидат помали загубите на Русија.

– Украина секогаш оставала и остава простор за преговори, дури и сега, кога Русија започна масовна инвазија – рекол Подољак, а пренесува украинската агенција УНИАН.

Тој истакна дека војната и непријателствата мора да се прекинат.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Москва е подготвена на разговори со Киев доколку се предадат опколените украински трупи.

Изјавата на Лавров е дадена во услови кога руските сили напредуваат во оружените акции во Киев.

– Подготвени сме на преговори во секој миг, веднаш штом украинските сили одговорат на нашиот повик да го положат оружјето – изјави Лавров пред медиумите во Москва.