Велика Британија

Забавите во Даунинг стрит се закануваат да ја загрозат политичката кариера на британскиот премиер Борис Џонсон. Според најавите од Островот, веќе се подготвува извештај за сите прекршувања на правилата од страна на Владата во текот на пандемијата. Аферата веќе доби име „Партигејт“ и претставува силен аргумент во рацете на неговите политички противници.
Скандалот отиде дотаму што по последните извештаи за карантински забави на Даунинг стрит број 10, Џонсон беше принуден да ја замоли кралицата Елизабета Втора за прошка – две од забавите се одржале во предвечерјето на погребот на нејзиниот сопруг, принцот Филип, во април минатата година. Претходно, премиерот во парламентот призна дека присуствувал на забава во градината на Даунинг стрит во мај 2020 година и побара извинување. Сето тоа, како што тврди, го сметал за „работна средба“, за што беше „почестен“ со многу потсмев на Твитер.
Сликата на 95-годишната кралица Елизабета Втора, која во деновите по смртта на принцот Филип седи сама на црковните клупи, далеку од семејството, со цел да ги испочитува правилата за сузбивање на ковид, стана симбол за, според многумина, бесрамното однесување на премиерот. Мнозинството Британци во меѓувреме се бесни и му вртат грб на својот премиер. „Едни правила за нив, други за нас“, гласи заклучокот на многу Британци.