Тајфунот „Делфин“ денеска ја погоди источна Кина, предизвикувајќи масовни евакуации, откажување на летови и прогласување на највисоко ниво на опасност.
Според кинескиот Национален метеоролошки центар, тајфунот попладнето по локално време стигнал до копното во близина на градот Јухуан во провинцијата Џеџијанг. Во моментот на ударот, брзината на ветерот во близина на центарот надминувала 150 километри на час.
Од крајбрежниот град Венџоу биле евакуирани повеќе од 900.000 жители, а отворени се над 1.000 прифатни центри.
Поради невремето, на двата главни аеродроми во Шангај биле откажани речиси 1.400 летови. Последиците од тајфунот се почувствувале и во Хонг Конг, каде биле измерени рекордни 36,9 степени Целзиусови.
Пред да стигне до Кина, „Делфин“ донел силни ветрови и обилни врнежи во јапонската Окинава, каде седум лица биле полесно повредени. Повеќе од 5.000 домаќинства останале без електрична енергија.
Во Тајван биле суспендирани десетици фериботски линии, а откажани биле и повеќе од 180 летови.
Кинескиот Национален метеоролошки центар издаде црвен аларм, највисок степен на предупредување, и најави исклучително обилни врнежи во делови од Џеџијанг, Шангај и соседните провинции.
































