Обединети сме во осудувањето на неиспровоцираната агресија на Кремљ и во нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во воведниот говор на денешниот самит на НАТО.

Тој нагласи дека вонредниот самит на НАТО се одржува во критично време за безбедноста.

– Оддаваме почит на големата храброст на украинскиот народ и на украинските вооружени сили кои се борат за својата слобода и своите права. Ги препознаваме и оние во Русија кои храбро зборуваат против војната. Ги слушаме нивните гласови. Тие се важни-нагласи Столтенберг и додаде дека ќе продолжат да се воведуваат санкции против Русија „за да се стави крај на оваа брутална војна“.

Тој информира дека на самитот на Алијансата ќе се разговара за поддршката на сојузниците за Украина, напорите на НАТО да ја зајакне одбраната сега и во годините што доаѓаат.

– Веќе правиме повеќе. На копно. На море. И во воздух. Тоа е неопходно за да се одговори на новата безбедносна реалност во Европа-нагласи генералниот секретар на НАТО.

Вонредниот самит на Северноатлантската алијанса продолжи со работа зад затворени врати.