Фото: Игор Бансколиев

Новата методологија ќе почне да се применува од септември оваа година, а усогласувањето ќе се прави двапати во годината, во март и во септември. Според неа, пензиите ќе се усогласуваат како збир од 50 отсто од порастот на трошоците за живот и 50 проценти од порастот на просечната плата во државата. Но како ќе се одрази тоа врз висината на примањата кај различните категории пензионери и нивниот животен стандард?

АНАЛИЗА: ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ПЕНЗИИТЕ

Следниве три месеци сите пензионери ќе добијат илјада денари плус покрај пензиите за месеците март, април и мај, а се очекува пензиите да пораснат од септември во согласност со законските измени. Пензионерите велат дека секое зголемување е добредојдено, но укажуваат на потребата од поголемо зголемување на ниските пензии бидејќи велат дека истите тие не се доволни за задоволување на основните потреби на пензионерите.
Во согласност со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување усвоени неодамна, пензиите ќе се усогласуваат како збир од 50 отсто од порастот на трошоците за живот и 50 проценти од пораст на просечната плата во државата во согласност со податоците од Државниот завод за статистика. Новата методологија ќе почне да се применува од септември оваа година, а усогласувањето ќе се прави двапати во годината, во март и во септември. Тоа значи дека пензионерите ќе добијат зголемување на пензиите во просек по 900 денари.
Упатените објаснуваат дека со одлуката пензиите да се изедначуваат со трошоците за живот и просечната плата ќе растат сите пензии, но потенцираат оти многу поголем раст на пензиите ќе има мала група пензионери што имаат високи примања, а голем дел од пензионерите ќе добијат минимално зголемување.
– Донесениот законот за усогласување на пензиите ќе почне да се применува од септември, односно во согласност со новите измени, пензиите ќе се зголемат од септември. Сега во месеците април, мај и јуни, сите пензионери ќе добијат дополнително 1.000 денари на своите сметки за месеците март, април и мај… Сигурен сум дека овие пари ќе бидат добредојдени за пензионерите, но сепак земајќи ги предвид поскапувањата на производите во малопродажба, но и поскапувањата на другите трошоци, за сметки и за транспорт сметам дека зголемувањата не се доволни, особено за пензионерите со мали пензии. Со оглед на севкупните случувања, почнувајќи од пандемијата, која беше проследена со многу жртви, па сѐ до воениот конфликт во Украина, а сето ова проследено со раст на цените на производите, зголемувањето на пензиите е повеќе од потребно, но не само на начинот на кој беше усвоено во Владата. Сега со методологијата што е прифатена, највисоките пензии ќе се зголемат за над три илјади денари. Од друга страна најниските пензии ќе добијат покачување од само петстотини денари. На овој начин разликата меѓу најниските и највисоките пензии уште повеќе се зголемува, а имаме многу голем број приматели на ниски пензии, кои не ги покриваат основните потреби на пензионерите – укажува Драги Аргировски, новинар, публицист и експерт за трета доба.

Со 10 илјади денари пензија не се покриваат ниту основните потреби

Аргировски потсетува дека со сегашните законски измени се враќа стариот модел со кој пензиите ќе се преместуваат на основа 50 отсто од зголемувањето на животните трошоци, но и 50 проценти од просечната плата во земјава. Потенцира дека истиот модел се користел во минатото, но бил укинат во 2018 година, а токму изминативе четири години имало најголем раст на платите, но пензиите не го следеле растот, особено ниските пензии.
– Сметам дека сите пензионери што примаат пензии до 15 илјади денари, па дури и оние со пензии до 18 илјади денари треба да добијат поголемо зголемување на пензиите. Ако реално ги погледнеме состојбите, ќе ни биде јасно дека пензионер со 10 илјади денари пензија не може да си ги дозволи ниту основните потреби, особено ако имаме предвид дека најголем дел од пензионерите имаат хронични болести и дека можеби половина пензија ја користат само за лекарства. Треба да сме реални дека зголемувањето на малите пензии е повеќе од неопходно. Од друга страна имаме пензионери што примаат екстра високи пензии, 60 илјади денари пензии, и сега тие добиваат процентуално исто зголемување, но нивниот раст на пензиите е пет пати поголем отколку на пензионерите со мали примања. Дополнително на сите им се дава иста помош, три месеци по илјада денари. Сметам дека на примателите на високи пензии, примањата им се доволни за основни потреби, за задоволување на потребите за лекување, за храна, за домување, па дури имаат и за патување, немаат потреба од дополнителна помош. Додека оние што имаат десетина илјади денари пензии, имаат голема потреба од помош бидејќи трошоците значително се зголемија – објаснува Аргировски.
Нашиот соговорник посочува дека е потребно нивелирање на пензиите во Македонија, слично на примерот во Хрватска. Овој процес, според Аргировски, е неопходен за пензионерите во Македонија да имаат пристоен живот.
– Во земјава 1.300 пензионери имаат високи пензии и во случајов нивниот глас повеќе беше вреднуван отколку на мнозинството пензионери. А најдобро платените пензионери овој пат повторно не покажаа грижа за другите 200 илјади пензионери, кои одвај преживуваат во месецот. Голем дел од државите во наша околина имаат различни модели на изедначување на пензиите со трошоците за живот или со просечната плата, има разни примери, а дел од земјите имаат направено нивелирање на пензиите. Кај нас е многу значајно да им се овозможи подобар стандард и на оние со мали пензии, бидејќи голем дел учествувале во креирањето на оваа држава и твореле во минатото, па како и оние со високи пензии заслужуваат пристоен живот. Имаме ситуации кога граѓани не по своја вина, дел од стажот никаде не им е впишан, па иако работеле, работниот стаж им е намален и имаат ниски примања. Словенија е една од земјите каде што најмалите пензии добија најголемо зголемување, а оние со највисоки пензии добија најмало зголемување. Во нашиот случај нема да се изедначат ниските со високите пензии, пак ќе има разлики меѓу групите, но примателите на најниски пензии би добиле поголема поддршка што ќе им овозможи подобар живот – посочува Аргировски.
Тој дополнува оти ако парите се распределат кај повеќе пензионери корист ќе има општеството, бидејќи пензионерите ќе ги потрошат парите во земјава, за секојдневни потреби, со што го поттикнуваат стопанството, односно прават обрт на средствата.
– Моите залагања се да имаме повеќе вработени граѓани, бидејќи на тој начин ќе има повеќе пари во буџетот на ПИОМ. Во минатото сме имале ситуации кога државата позајмувала од ПИОМ, а сега таа ѝ позајмува на оваа институција, ама тогаш соодносот работник пензионер беше четири спрема еден. Мора да се земаат сите фактори предвид и да се променат состојбите на подобро, бидејќи вака се шири незадоволство меѓу повозрасните граѓани и сите треба да се свесни дека во ваква криза не може да се поддржуваат само оние што имаат солидни примања. Дополнително не може пред избори само да се ветува и да се залажуваат пензионерите, тоа веќе не поминува. Треба да ни биде јасно дека со ниски примања се губи перспективноста на животот – потенцира Аргировски.

Да се обезбеди одржливост на пензискиот систем

Универзитетскиот професор Борче Треновски во едно телевизиско гостување појасни оти изминативе години биле спроведени повеќе постапки за стабилизација на пензискиот фонд и факт е оти големи суми од буџетот се одвојуваат за исплата на пензиите. Сепак, тој додава дека на пензионерите треба да се гледа како на посебна категорија граѓани во земјава и оти за нив треба да се обезбедат средства за нормален живот.
– Пензионерите се посебна категорија граѓани од повеќе аспекти, посебно бидејќи се борат со хронични болести, потоа не се во состојба да работат… Во минатото правев анализа колкав е товарот на пензионерите, колкава е нивната потрошувачка кошница, бидејќи тие не се класични потрошувачи, тие не трошат на облека, на обувки, на ресторани или на хотели… Да видам колкав е притисокот врз нивната потрошувачка и утврдив дека трошоци што ги имаат се за домување, за транспорт, за лекови, но од друга страна не трошат за компјутери, за интернет. Но анализите покажаа дека ако просечната инфлација е 6 проценти, тогаш ударот за основни продукти врз пензионерите е за три проценти повеќе отколку пресметаната инфлација. Затоа ним, како посебна категорија, треба да им се помогне. Но политичка одлука е како ќе се направи зголемувањето, дали тоа ќе биде линеарно или, пак, ќе растат помалите пензии повеќе отколку големите, бидејќи гледаме дека револтот порасна. Најниските пензии се најголема маса од пензионери, а ударот од шоковите од кризата е еднаков врз сите пензионери. Сметам дека распонот меѓу пензиите може да се намали, но тоа се повеќе политички одлуки, политичка економија, да се примени некоја обратна прогресија, да се зголемат повеќе помалите пензии, а помал да биде растот на поголемите пензии – објаснува Треновски.
Професорот вели дека оправданоста во зголемен раст на помалите пензии е во фактот што генерално пензионерите како група имаат слични или исти потреби, но со пензиите што ги добиваат, некои од нив имаат доволно да ги покријат сопствените потреби, но други немаат доволно средства ниту за основните потреби.
– Реално праведно е да имаат повисоки пензии одредени граѓани што уплаќале повеќе во фондот, имале повисоки плати, не викаме да се изедначат, туку да им се обезбеди најосновно ниво на заштита на оние што се на најдолните слоеви, да им го заштитите нивниот стандард. Притоа ќе имате повеќе задоволни граѓани, но и ќе расте потрошувачката во земјата, ќе има позитивни ефекти врз економијата. Но ќе се вратам на моментот на одржливоста на пензискиот систем, сите мерки што ќе се носат мора да се темелат на одржливост на пензискиот систем – потенцира Треновски.


Најниски земјоделските пензии

Податоците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија покажуваат дека вкупниот број на пензионери во вториот месец од 2022 година изнесува 326.646 пензионери. Просечната пензија во февруари изнесувала 16.293 денари.
Од вкупниот број пензионери, 325.636 добиле пензија врз основа на работно право, 940 се запишани како воени пензионери и 70 лица се корисници врз основа на земјоделско право. Најниска просечна пензија е земјоделската, 8.472 денари, највисока е воената, каде што просекот изнесува 23.576 денари. Просечната семејна пензија изнесува 13.031 денар, инвалидската 14.657 денари, старосната 17.592 денари.