Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вети дека Алијансата ќе се заложи за дополнителна помош за модернизација на украинската армија на самитот што ќе се одржи во јули во главниот град на Литванија, Вилнус.

Во изјавата, што денеска, е објавена во германскиот весник „Тагесшпигел“, Столтенберг кажува дека сојузниците на самитот ќе усвојат повеќегодишен пакет помош што ќе ја доведе Украина до стандардите на НАТО.

Тој додаде дека НАТО ќе ѝ помогне на украинската армија во транзицијата од армија заснована на стариот советски модел кон модерни сили кои работат според стандардите на НАТО.

Столтенберг кажа дека по неколкумесечна воена обука врз НАТО опрема и оружје, Украина ја враќа својата територија окупирана од руските сили. Тој, исто така, ја истакна важноста на континуираната поддршка за земјата, која е во дефанзива откако Москва ја почна специјалната воена операција во февруари 2022 година.

Тој ги нагласи тешкотиите на контраофанзивата, вклучително и тешкиот терен и вградените руски одбранбени позиции, вклучувајќи мински полиња и тенковски замки.