Важноста на дефинирањето на критичната инфраструктура во Македонија

Издвојувањето на критичната инфраструктура како безбедносен и оперативен термин е релативно нова појава, која особено се актуализира по конфликтот во Украина, опфаќајќи најчесто енергетски и транспортни системи, но и системи за вода и сообраќајна инфраструктура. Сепак, иако терминот е нов, тоа не значи дека критичната инфраструктура е новa појава. Напротив, секој општествен поредок во секоја доба од човештвото имал некаква своја критична инфраструктура, односно системи есенцијални за општественото функционирање – водоснабдување, производство и снабдување со храна, определени патни коридори. Во променетата безбедносна средина, критичната инфраструктура е легитимен објект на заштита што мора да биде препознаен од системот како таков преку императивот на нормата, односно правната рамка. Taa е безбедносно определување, кое генерира создавање нови правни норми и интерпретација на постојните во поинакво светло и бара примена на правна аналогија. Најголем дел од критичната инфраструктура денес е во приватна сопственост.
Следствено, без оглед каде се наоѓа определен сегмент од критичната инфраструктура – самата држава повеќе не може да биде способна да ја обезбеди во целост и може да биде во голема мера зависна од приватниот сектор за оваа намена. Корпорациите во чија сопственост е значителен дел од критичната инфраструктура постојано ги прошируваат пазарот и дејноста, стремејќи се да постигнат доминација и профит. Голем дел од сопственоста е во ризични подрачја.
Различни држави препознаваат различни сектори на критична инфраструктура во согласност со сопствените локални состојби и потреби. Дефинициите што варираат но најмал заеднички содржател секогаш се виталните општествени функции. Во САД, под критична инфраструктура се подразбираат „системи и средства, физички или виртуелни, витални за значењето на една држава, при што нивното онеспособување или уништување ќе има негативен ефект врз националната, економската и социјалната безбедност“.
Холандија препознава две категории на критична инфраструктура, од кои во категоријата А спаѓаат транспортни мрежи и национални преносни системи за гас и електрична енергија, нуклеарни материјали и систем за водоснабдување, кои се третираат со повисоко ниво на заштита, а во категоријата Б со пониско ниво на заштита спаѓаат регионалната дистрибуција на гас и електрична енергија, авиосообраќај и поморски сообраќај, поголеми резерви на петрохемиската индустрија, полициска мобилизација, владини услуги што се зависни од релевантни и достапни дата-бази и информациски системи, комуникациски системи помеѓу итните служби и финансискиот сектор.

Во Македонија, критичната инфраструктура сè уште не е идентификувана или определена. Усогласувањето со Директивата 2008/114 беше дел од обврската за усогласување со законодавството на Европската Унија, во делот на поглавјето 24 – Слобода, безбедност и правда, но тоа не се случи. Дополнително, критичната инфраструктура е еден од врвните приоритети и на НАТО-алијансата. Нејзиното непрепознавање во нормативна смисла не значи и дека таа фактички не постои, но отсуството на норма остава поголем простор за ранливост во делот на меѓузависностите што се јавуваат помеѓу секторите. Впрочем, критичната инфраструктура е веројатно најексплоатираниот термин во руско-украинската војна. Препознавањето на критичната инфраструктура како таква ќе значи дека конечно, институционално, го зборуваме јазикот на сојузниците.
ООН проценува дека приходот што го заработи ИСИС од нафта и нафтени продукти во 2015 година е помеѓу 400 и 500 милиони долари. Исто така, ИСИС ги користи водата и водните системи и како оружје и како средство. Од 2013 година, Исламската држава започна речиси 20 големи напади (како и безброј помали напади) против сириската и ирачката инфраструктура за вода. Некои од овие напади вклучуваат поплави во селата, заканувајќи се да го поплават Багдад, затворајќи ги портите на браните во Фалуџа и Рамади, прекинувајќи ја водата во Мосул и труејќи ја водата во помали места. Повеќето од овие операции се насочени кон владините сили, со цел да се борат против војската со користење на водата како оружје против нив, и со некои пренасочувања на инфраструктурата за вода за да ги прекинат движењата на војниците. Ваквите напори исто така често имаат дополнителна корист за подобрување на напорите за регрутирање; со дозволување водата да тече во градовите што ги поддржуваат, за да придобиваат нови следбеници.
Од друга страна, од снабдување со вода беа отсечени христијанските и шиитските градови и ваквата стратегија имаше ефект на промена на демографската слика, принудувајќи го населението на миграција. Надвор од боиштата на Блискиот Исток, транспортните системи се најатрактивна цел во западните земји.
Европската Унија во Директивата 2008/114, под „заштита на критичната инфраструктура“ ги подразбира „сите активности насочени кон обезбедување функционалност, континуитет и интегритет на критичните инфраструктури со цел да се одврати, ублажи и неутрализира закана, ризик или ранливост“. Со оглед на природата и карактеристиките на критичната инфраструктура како таква, заштитата се сведува на „all hazards approach“ (единствен пристап кон сите закани). Во таа насока, НАТО ги промовира вредностите за заштита на критична инфраструктура, со вршење ревизија на степенот на подготвеност на земјите-членки во однос на планирање и мапирање на инфраструктурата, при што Алијансата не навлегува во директно регулирање на областа, но формулира програми за поддршка на националните планови, во смисла на промовирање високи стандарди за подготвеност и подобрена интероперабилност во менаџирање евентуални последици.

Како дел од стратегијата на ЕУ за сајбер-безбедност усвоена во 2013-та, во 2016 година беше донесена Директивата за постигнување заедничко високо ниво на мрежите и информациската безбедност, позната како NIS Directive. Крајниот рок за национално транспонирање од страна на земјите-членки на ЕУ беше 9 мај 2018 година. Директивата има три дела, кои се однесуваат на: градење национални капацитети во секоја земја членка поединечно, прекугранична соработка и национален надзор на критичните сектори. Притоа, земјите-членки на ЕУ треба да ја надгледуваат сајбер-безбедноста на критичните пазарни оператори во својата земја. Тоа опфаќа и претходен, односно Ex-ante надзор во критични сектори (енергетски, транспорт, вода, здравство и финансискиот сектор), но и евалуаторски, односно ex-post надзор за критични набавувачи на дигитални услуги (точки за размена на интернет, системи за имиња на домени итн.). Усогласувањето и со директивата што се однесува на сајбер-безбедност и со директивата што се однесува на заштитата на критичната инфраструктура е обврска на земјата во контекст на усогласување со правото на ЕУ како земја-кандидат за членство.
Од изворите на меѓународно право, тешко можат да се издвојат посебни норми што ја третираат критичната инфраструктура како таква. Во контекст на националното право, ситуацијата е многу полесна доколку поединечната држава директно ја регулира проблематиката од интерес. Во тој контекст, исто така е важно на која правна традиција ѝ припаѓа конкретната држава: континенталната или англосаксонската, поради изворите на право на кои секоја од нив се повикува. Со оглед на фактот дека голем дел од критичната инфраструктура е приватизиран, за операторите ќе важат одредби од граѓанското право, особено во делот на сопственичките и облигационо-правните односи. Најчесто, доколку станува збор за странски директни инвестиции, имаат и посебен режим на заштита и некои аспекти се регулираат и со меѓународното инвестициско право и со националниот закон. Неспорно своја улога ќе најде и меѓународното инвестициско право.

Со оглед на сѐ поголемото влијание на глобалното затоплување и природните катастрофи, меѓународното еколошко право допрва ќе биде центарот на гравитација на дебатата. Посебна улога во националното законодавство имаат и регулаторните тела и агенции и подзаконските акти што ги донесуваат истите тие.
Кривичното законодавство, пак, има посебна заштитна и превентивна улога, која беше елаборирана посебно. Сите актери мора да го пронајдат своето место во системот за управување со кризи, базирајќи се на централизирано управување, а децентрализирано извршување. Обврската за стандардизација, безбедносните протоколи и заштитата при работа исто така мора да се испочитуваат соодветно во секоја сфера. За да се случи сето тоа, неопходно е да се стандардизира нормативната рамка, односно националниот правен систем да ја препознае и признае критичната инфраструктура како вредност преку усвојување на првиот закон за заштита на критичната инфраструктура. Ваквата иницијатива е веќе започната во Министерството за одбрана, а предлог-законот има цел да ја постави заштитата на критичната инфраструктура како врвен национален приоритет и да иницира етаблирање функционален систем во согласност со стандардите на сојузниците.

(respublica.edu.mk)

Весна Попоска