Фото: Светска програма за храна

Додека голем дел од планетата ги прославува новогодишните празници и влезот во 2023 година, има многу луѓе кои страдаат, бидејќи човештвото не го положи основниот тест, а тоа е да се потисне гладот во светот.

Во моментов речиси една третина од населението на планетата нема загарантиран оброк, а 828 милиони луѓе легнуваат гладни секоја вечер, покажуваат податоците на Светската програма за храна (СПХ) при Обединетите нации.

СПХ на својата веб-страница наведува дека 2022 година била година без преседан кога станува збор за гладот во светот и оти 345 милиони луѓе се во директна опасност од недостиг на храна, што е драстично зголемување во споредба со 2019 година, кога таа проценка беше околу 145 милиони луѓе.

Три години претходно, во 2016 година, тој број беше помал – 108 милиони луѓе.

– Во моментов, 149 милиони деца имаат проблем со растот поради хроничен недостиг на основни хранливи материи, а повеќе од 45 милиони деца страдаат од неисхранетост, катастрофална состојба во која телото на детето е толку гладно и му недостасуваат основни хранливи материи што почнува да се „јаде“ – објави американскиот весник „Хил“.

Бројките можеби се запрепастувачки, но зад секоја бројка стои вистинска личност.

Постојат многу причини за зголемена нестабилност во снабдувањето и достапноста на храна.

Пандемијата на ковид сè уште создава проблеми на синџирите за набавка во многу заедници во светот, а воените судири, како во Украина, ги креваат цените на намирниците како житарките, пченицата, и многумина не можат да си ги дозволат.

Климатските промени, со честите сезони без доволно врнежи и зголемени температури на места како што е Рогот на Африка, зголемениот број природни катастрофи, ги уништуваат посевите и способноста на луѓето да ги прехранат своите семејства.

СПХ истакна дека само за 2022 година на програмата и се потребни 22,2 милијарди долари за да се обезбеди храна за 160 милиони луѓе на планетата.

Како што глобалната економија закрепнува од пандемијата Ковид-19, јазот помеѓу реалните потреби и вистинските средства за набавка на храна стана поширок од кога било – додаде СПХ.