Светската солидарност на дело

Дождот и снегот им предизвикуваат проблеми на спасувачите, но специјализирани тимови од многу земји, како Швајцарија, Грција, САД, Романија, Италија, како и Македонија, се на пат кон Турција за да им помогнат на тамошните тимови.
Швајцарските експерти и спасувачи со кучиња се дел од екипите што се заминати во Турција за помош на тамошните служби. Од Швајцарија е товарена и хуманитарна помош за Турција. Грчката спасувачка мисија за помош на Турција вклучува 21 пожарникар од единицата за итни случаи ЕМАК, две кучиња за спасување и возило на специјалната мисија за спасување. Со нив во Турција се и офицер на Противпожарната бригада специјализиран за поддршка на урнати згради, пет лекари за итни случаи од системот за брза помош ЕКАВ и претседателот на грчката Организација за антисеизмичко планирање и заштита.
Членовите на холандскиот тим за пребарување и спасување УСАР со потребната опрема се заминати за Турција. Во тимот се 65 вработени во УСАР и осум кучиња помошници.
Ирак обезбедува помош за Сирија. Безбедносните сили ја собраа хуманитарната група на Црвената полумесечина за да ја испратат во соседната земја.
И тајванските спасувачи ќе помагаат во операциите за пребарување и спасување во Турција. Специјализиран тим од пожарникари од Урбаниот тим за пребарување и спасување на Чешка ќе помага во потрагата по луѓе во урнатините во Турција. Чешкиот тим на УСАР е специјално обучен да најде луѓе што се затрупани под урнатините. Околу 50 пожарникари и медицински работници се дел од тимот од Италија, кои ќе помогнат на сириско-турската граница во спасувачките напори. Од Италија ќе има и дополнителни летови по пристигнувањето на пожарникарите, кои ќе донесат медицински персонал и опрема за Турција.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите тимови брзо се организираат за да почнат да ги поддржуваат турските напори за пребарување и спасување. САД соопштија дека ќе испратат два тима за пребарување и спасување од по речиси 80 луѓе.
Најмалку 4.890 смртни случаи досега се потврдени во Турција и во Сирија по силниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, кој го потресе регионот завчера рано наутро. Бројот на загинати во Турција се искачи на најмалку 3.381, изјави на телевизиски брифинг Орхан Татар, официјален претставник на Агенцијата за управување со катастрофи во земјата. Според Татар, биле пријавени и најмалку 20.426 повредени.

– Досега е објавено дека во Турција се оштетени 11.000 згради – рече тој.
Речиси 25.000 служби за итни случаи работат во погодените области, додаде Татар. Спасувачите користат најмалку 10 брода и 54 авиони за транспорт на ранетите и помош во операциите за пребарување, посочи тој.
Во Сирија, бројот на загинати се искачи на 1.509 во областите под контрола на Владата и опозицијата, соопштија официјални лица.
– Бројот на загинати може да се искачи на повеќе од 20.000 луѓе. За жал, секогаш го гледаме истото со земјотресите, а тоа е дека бројот на загинати или повредени во првичните извештаи значително ќе се зголеми во неделата што следува – изјави Кетрин Смолвуд, виш службеник за итни случаи на Светската здравствена организација за Европа.
– Населението во овој регион живее во објекти што се исклучително ранливи на земјотреси, иако има и одредени отпорни објекти. Во извештајот се проценува и дека економските загуби, најверојатно, ќе бидат меѓу една милијарда и 10 милијарди долари, што би можело да достигне и до 2 отсто од турскиот БДП – се наведува во анализата на Американскиот геолошки институт.
Европскиот медитерански сеизмолошки центар и натаму регистрира голем број потреси со послаб интензитет, по двата разурнувачки земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што ги погодија јужна Турција и северозападна Сирија. Според Геолошкиот институт на САД се случиле уште најмалку 100 последователни потреси, со интензитет од четири или повеќе степени според Рихтеровата скала.

– Како што се зголемува времето од првичниот земјотрес, фреквенцијата и јачината на последователните потреси имаат тенденција да се намалуваат. Сепак, последователните потреси со јачина од 5 до 6 степени според Рихтеровата скала сè уште имаат ризик од дополнителна штета на структурите загрозени од првичниот земјотрес. Ова претставува постојана закана за спасувачките тимови и преживеаните – се наведува во извештајот од сеизмолозите.
Обединетите нации соопштија дека земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди јужна Турција рано во понеделникот е најсилниот земјотрес во ова подрачје во повеќе од 80 години, односно од 1939 година.
Според владините податоци, повеќе од 13 милиони луѓе во Турција се погодени од катастрофалниот земјотрес што го погоди пограничниот регион меѓу Турција и Сирија.
– Овој земјотрес директно погоди 13,5 милиони наши граѓани. Спасувачката работа продолжува – рече министерот за урбанизам Мурат Курум. Некои патишта се непроодни и се работи на нивно подобрување. Во некои области нема вода, рече тој, а се прават напори што поскоро да се санираат штетите и да се снабдат луѓето со вода.
Тешките услови и ниските температури ги попречуваат спасувачките напори во Турција и во Сирија. Непознат број луѓе останаа заробени под урнатините, а земјотресите зад себе оставија илјадници повредени, како и оние што останаа без покрив над главата додека цели станбени блокови беа срамнети со земја.
Според турскиот министер за здравство Фахретин Коџа, временските услови и размерите на катастрофата ги отежнуваат спасувачките операции во погодените подрачја.

– Нашите хеликоптери не можеа да полетаат поради временските услови. Снежно невреме зафати делови од Турција и од Сирија, а температури под нулата се предвидуваат за следните неколку дена. Најмалку 2.256 итни медицински работници пристигнаа во областите погодени од земјотресот досега – изјави министерот за здравство.
Најмалку 602 амбулантни возила и два медицински авиони се испратени од соседните градови. Исто така, испратени се 187 екипи на Турскиот национален медицински спасувачки тим (УМКЕ).

Подготвил: Mарјан Велевски