Германската авиокомпанија „Луфтханза“ проценува дека штрајковите на вработените ја чинеле 250 милиони евра од почетокот на годината, што е повеќе од двојно зголемување на нејзината процена од почетокот на месецот.
– Финансискиот притисок на штрајковите опфаќа подолг период од самиот прекин на работата и вклучува последици во списоците на екипажот, распоредот на летови и несигурноста на потрошувачите – напиша главниот финансиски директор на „Луфтханза“, Ремко Стинберген, во интерно писмо до работниците.
Така, цела недела беа откажани летовите на инаку профитабилната врска меѓу Франкфурт и Сан Франциско. Стинберген даде конкретен пример и додаде дека патниците денес не сакаат да резервираат билети, а доколку резервираат, ги избегнуваат центрите на „Луфтханза“ во Франкфурт и во Минхен. Стинберген на почетокот на март ги процени трошоците за штрајкот на 100 милиони евра.
Вработените во „Луфтханза“ веќе извесно време штрајкуваат и преговараат со раководството за да се постигне спогодба пред самиот почеток на велигденските празници.
– Проблемот се парите и времетраењето на договорот. Ги продолжуваме преговорите, но во моментов не е можно да се прогнозира дали ќе се постигне договор пред Велигден – изјави претседателот на синдикатот на воздухопловниот персонал „Уфо“, Јоаким Васкез Бургер, по последната рунда преговори.
Арбитражата треба да реши посебен спор околу платите на персоналот на „Луфтханза“. Доколку биде неуспешен, синдикатот „Верди“ ќе гласа за штрајк до понатамошно известување.
Штрајкуваат и работниците од службата за безбедност на воздушниот сообраќај на аеродромите. Претставниците на синдикатот „Верди“ и работодавците во средата ја почнаа шестата рунда колективни преговори.
– Ние навистина сакаме да постигнеме договор – изјави преговарачот на „Верди“, Волфганг Пипер.