Фото: Принт-скрин

Новиот претседател на Шри Ланка, Ранил Викремесинг, денеска изјави дека неговата влада подготвува национален политички план за следните 25 години со цел да го намали јавниот долг и да ја претвори земјата во конкурентна извозна економија додека бара излез од најлошата економска криза.

Викремесинг во својот говор во Парламентот рече дека на Шри Ланка и требаат долгорочни решенија и силна основа за да се спречи повторно да се случи економска криза.

Тој рече дека неговата влада започнала преговори со Меѓународниот монетарен фонд за четиригодишен спасувачки план и почнала да го финализира планот за реструктуирање на долгот.

– Во блиска иднина, овој план ќе го доставиме до Меѓународниот монетарен фонд и ќе ги започнеме преговорите со земјите што дадоа кредитна помош. Дополнително, ќе започнат преговорите со приватните кредитори за да се постигне консензус – рече Викремесинг.

Тој рече дека тешкотиите донекаде се ублажени со намалување на прекините на струја, увоз на вештачки ѓубрива за одгледување и подобрување на дистрибуцијата на гас за подготовка на храна.

– Преземени се безбедносни мерки за да се избегне недостиг на храна. Започна дистрибуција на основните лекови и медицинска опрема до болниците. Училиштата се повторно отворени. Се преземаат мерки за надминување на пречките со кои се соочуваат индустриите и извозните сектори – рече тој.

Претседателот Викремесинг изјави дека Шри Ланка би можела да стане целосно развиена земја до 2048 година, кога ќе слави 100 години од независноста.

Викремесинг беше избран за претседател минатиот месец за да го заврши мандатот на поранешниот претседател Готабаја Раџапакса, кој трае до 2024 година. Раџапакса побегна од земјата откако демонстрантите гневни поради економската криза упаднаа во неговата резиденција и ги окупираа клучните владини згради.