Финансиските лидери на најголемите светски економии денеска се соочени со разлики околу војната во Украина и за решавањето на должничкиот товар на загрозените земји во развој.
Состанокот на министрите за финансии и шефовите на централните банки на Групата 20 (Г20), чиј домаќин е Индија, најверојатно ќе заврши подоцна во текот на денот без заедничко коминике бидејќи засега нема консензус за тоа како да се оквалификува конфликтот во Украина, наведоа делегати во изјава за западни медиуми.
САД и нивните сојузници во Групата седум индустриски најразвиени сили (Г7) се категорични во барањето коминикето категорично да ја осуди Русија за инвазијата на нејзиниот сосед, на што се спротивставија руската и кинеската делегација, велат делегатите.
– Мислам дека мора да има изјава во коминикето со кое се осудува војната на Русија – изјави американската министерка за финансии Џенет Јелен на маргините на состанокот.
– Тоа е нешто што мислам дека е апсолутно неопходно.И мислам дека Г7 е секако обединета за тоа“.
Русија, членка на Г-20, но не и на Г7, ги нарекува своите акции во Украина како „специјална воена операција“ и избегнува да ја нарече инвазија или војна.
Индија врши притисок на состанокот за да се избегне употребата на зборот „војна“ во кое било коминике, изјавија претставници на Г-20. Индија, која претседава со овогодинешниот Г20, задржа главно неутрален став кон војната, одбивајќи да ја обвини Русија за инвазијата, барајќи дипломатско решение и нагло зголемување на купувањето руска нафта.
Индија и Кина беа меѓу државите кои се воздржаа во четвртокот кога ОН со големо мнозинство гласаа да побараат Москва да ги повлече своите трупи од Украина и да ги прекине борбите.
Покрај земјите од Г7, блокот Г20 вклучува и земји како Австралија, Бразил и Саудиска Арабија.
Висок извор од Г20 рече дека преговорите околу коминикето биле тешки, бидејќи Русија и Кина ги блокирале предлозите на западните земји.
Изворот и неколку други официјални лица рекоа дека без изненадување во последен момент, не е веројатен консензус за коминикето и дека средбата најверојатно ќе заврши со изјава на домаќинот што ги сумира дискусиите.
На маргините, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се одржа состанок со Светската банка, Кина, Индија, Саудиска Арабија и Г7 за реструктуирање на долгот за загрозените економии, но има несогласувања меѓу членките, изјави директорката на ММФ Кристалина Георгиева.
– Само што завршивме седница на која беше јасно дека постои посветеност да се премостат разликите за доброто на земјите – изјави Георгиева, која копретседаваше на тркалезната маса со индискиот министер за финансии Нирмала Ситараман.
Понатамошни дискусии на панелот се планирани за време на пролетните состаноци на ММФ и Светска банка во април.