Фото: Официјална фејсбук сграница на Кралското семејство

Семејната фирма во сопственост на семејството Мидлтон, која некогаш вредеше повеќе од 50 милиони долари, е продадена на работ на банкрот, пишува британскиот „Скај њуз“. Огромен удар за семејството на принцезата од Велс – бизнисот на Керол и Мајкл Мидлтон, родителите на Кејт, во четвртокот беше продаден откако му се закани комплетен колапс.

Фирмата „Парти писис“ ја купи британскиот претприемач Џејмс Синклер, кој е сопственик на „Теди тестик“, компанија за нарачка за плишани играчки по пошта. Не беше објавено која цена ја плати компанијата на Синклер, ниту колку изнесуваат заостанатите долгови на семејната фирма на Мидлтон. Според неговата лична веб-страница, тој „управува со бизнис вреден 30 милиони фунти, кој вклучува одмор, грижа за деца, атракции на отворено, комерцијален имот, производство на уметност и занаети, како и една од најстарите компании за сладолед во Обединетото Кралство, „Компанијата за сладолед Роси“.

Принцезата од Велс порано има работено во фирмата која се занимава со добавување на артикли за забави, основана од нејзините родители, Керол и Мајкл во 1987 година. Брачната двојка наводно го создала бизнисот откако побарале шарени хартиени чинии за петтиот роденден на Кејт, но не успеале да најдат. Иако првично формирана за организирање креативни детски забави, бизнисот се прошири во продажба на украси за забава, украсни чаршави и декорации за маса и персонализирани подароци. Онлајн компанијата, со седиште во Беркшир, западно од Лондон, долги години беше успешна приказна.

Фото: Официјална фејсбук сграница на Кралското семејство

Меѓутоа, пандемијата го запре бизнисот на „Парти писис“, која во 2021 година забележа загуба од речиси 540.000 американски долари. Компанијата инвестираше голема сума пари за проширување на американскиот пазар, лансирајќи ги своите брендирани полици и рекламирајќи се со слики од г-ѓа Мидлтон со слоганот „Дизајнирано со љубов од Керол Мидлтон“.

Семејството се надевало да избегне несолвентност така што на купувачот ќе му предаде готовина заедно со бизнисот. Но, „Скај њус“ објави дека компанијата била продадена преку посебен административен процес, што значи дека продажбата била организирана пред да бидат назначени стечајни управници што ќе „ублажат“ процесот.

При продажбата, семејството Мидлтон сè уште поседуваше половина од компанијата, а останатиот дел им припаѓаше на инвеститори. „Парти писис“ вработува околу 40 луѓе.

Керол и Мајкл Мидлтон ја објавија продажбата на компанијата минатиот месец во „Дејли Мејл“. Објаснувањето гласеше дека родителите на Принцезата од Велс сакаат да поминуваат повеќе време со нивните внуци, вклучително и принцовите Џорџ и Луис и принцезата Шарлот.

Еден пријател на семејството изјави за весникот дека „Керол и Мајк се подготвени да се пензионираат и наместо само да затворат, тие ги разгледуваат опциите за да видат дали некој ќе го купи бизнисот“.

-Керол ги вложи срцето и душата во „Парти писис“ и ја обожува компанијата, но има 68 години, а таму работи речиси со полно работно време секој ден. Тоа е премногу голема обврска – таа сака повеќе време за семејството, градинарството и патувањата – рече изворот.

Сепак, беше откриено дека г-ѓа Мидлтон била принудена да преземе поголема улога во „заглавениот“ бизнис, а се раскажува и дека барала од добавувачите да им дадат подолг рок за плаќање на сметките по „ужасниот Божиќ“.

И покрај неодамнешните проблеми на компанијата, некогашниот успех на бизнисот помогна да се плати скапото школување во ексклузивни британски училишта за нивните три деца, вклучително и за Кејт.