Фото: Твитер/Ева Каили

Торби полни со пари, рации и апсења во „срцето на Европската Унија“, како и сомнежи за купување на влијание со потенцијална вмешаност на барем две држави го опфаќаат т.н. „катарски скандал“ што го потресе европскиот блок. Централна фигура во аферата е грчката европратеничка и потпретседателка на Европскиот парламент (ЕП), Ева Каили (44), која остана без овластувањата во европската институција и е во притвор во Белгија, откако се соочува со обвиненија за корупција по апсењето заедно со уште четворица осомничени. Скандалот поттикна повици за реформирање на ЕП и на механизмите во ЕУ, откако водечките функционери во Унијата ја признаа сериозноста на ситуацијата, изразувајќи сомнеж дека можеби се вмешани и други актери.

За евроскептиците и противниците на ЕУ, ваквата ситуација претставува своевидна потврда за двојните стандарди на Унијата за владеењето на правото. Но, македонските позначи на приликите во ЕУ сметаат дека справувањето на европските институции со скандалот е добар пример во борбата против корупцијата, врз основа на брзиот одговор, како и доказ дека нема „недопирливи“ функционери.

– Мислам дека станува збор за добар пример како да треба да се справува со корупцијата, не само во ЕУ, туку и воопшто, бидејќи веднаш беа санкционирани високите функционери и се покажа дека нема недопирливи. Секогаш ќе има злонамерни коментари за ваквите ситуации, дури и во земјите-кандидати за членство во ЕУ, но тие претставуваат лош аргумент. Секаде се краде, ама во сериозните држави ваквите откритија се процесуираат. Брзата реакција и продолженото испитување се добар пример дека правниот систем функционира и на ниво на ЕУ. Криминал има насекаде, а следењето на случаите и процесуирањето претставуваат единствен начин за справување, посебно за високата корупција, која е можно да се реши само со соодветни казни – истакна искусниот дипломат и поранешен амбасадор, Огнен Малевски.

Огнен Малевски/Фото: Архива

Слично мислење има и директорот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје, Марко Трошановски, кој наведува и дека случајот со корупција би можел да резултира со одредени промени во механизмите на ЕУ.

– Ова не е удар врз кредибилитетот на ЕУ, бидејќи случајот беше откриен и санкциониран, а системот покажа отпорност и навременост при реакцијата. Секако дека политичките ривали гледаат да профитираат и ниедна институција не е имуна на пропусти, но навремениот одговор покажа подготвеност за решавање на проблемот. Можеби овој случај треба да резултира со воведување на дополнителни механизми за справување со корупцијата, закони за лобирање и за навремена детекција – објаснува Трошановски.

Марко Трошановски/Фото: Принт-скрин

Во текот на истрагата за корупција и лобирање во корист на Катар, во која биле спроведени десетина рации од белгиската федерална полиција, откриени се повеќе од 1,5 милиони евра во кеш, а некои од сноповите пари биле пронајдени во домот на Каили и во куфер на нејзиниот татко, според известувањето на белгиските медиуми.

Каили важи за еден од најгласните поддржувачи на Катар, при што неодамна истакна пофалби за работничките права во азиската држава, наспроти загриженоста на меѓународната заедница за условите за работниците што учествуваа во изградбата на стадионите за фудбалското Светско првенство во Катар.

Ева Каили на средба со катарскиот министер за енергетика Саад Шерида Ал-Кааби/Фото: Твитер – Катар енерџи

Катарските власти во изјава за „Франс прес“ нагласија дека не се запознаени со деталите за истрагата, како и дека сите тврдења за несоодветно постапување од Катар се дезинформации.

Се очекува претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, да ги брифира европските лидери со дополнителни детали за случајот, на денешниот самит во Брисел.