Фото: Твитер

Американската влада ќе ја испрати првата делегација на високо ниво во Кина откако претседателите на двете земји, Џо Бајден и Си Џинпинг, минатиот месец на Бали, ветија дека ќе работат на „затоплување на односите“.

Помошникот државен секретар за Источна Азија и Пацифик, Даниел Критенбринк, заедно со генералниот директор на Советот за национална безбедност за Кина и Тајван, Лора Розенберг, ќе престојуваат во Кина 11. до 14 декември, објави Стејт департментот.

Тие ќе ги посетат Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Во Кина, мисијата на Критенбринк ќе биде почеток на исполнување на ветувањата на Бајден по неговата средба со Си Џинпинг на маргините на самитот на Г-20 во Бали во средината на ноември.

Двајцата лидери тогаш ветија дека ќе продолжат да ја водат конкуренцијата на нивните две земји на одговорен начин и да ги истражат потенцијалните области за соработка, соопшти Стејт департментот.

Бајден и Си разговараа и за неодамнешните прашања на несогласување како што се иднината на Тајван, ограничувањата на САД за увоз на кинески технолошки производи или влијанието на Кина низ светот.

Даниел Критенбринк ќе ја подготви и посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, закажана за почетокот на 2023 година, што ќе биде прва посета на истакнат американски дипломат на Кина во изминатите четири години.