Ева Каили/Фото: Принтскрин

Апсењето на потпретседателката на Европскиот парламент Ева Каили и на уште четворица други вмешани во скандалот со корупција поврзан со Катар поттикна повици за реформирање на институцијата на ЕУ, пренесува „Гардијан“.

Беа спроведени најмалку 16 рации од белгиската федерална полиција, при што покрај апсењата, беа запленети 600 илјади евра во кеш, како и телефони и компјутери.

Осомничените, првично не беа големи имиња според бриселски стандарди, пишува „Политико“. Поранешен член на Европскиот парламент, неколку парламентарни помошници и синдикалец, сите осомничени дека земале поткуп поврзан со Светското првенство во Катар. Но, набргу стана јасно дека не станува збор за инцидент за обично полнење на џебовите, откако во притвор заврши Каили. Таа важи за еден од најгласните поддржувачи на Катар, при што неодамна истакна пофалби за работничките права во азиската држава, наспроти загриженоста на меѓународната заедница за условите за работниците што учествуваа во изградбата на стадионите за фудбалското Светско првенство во Катар

Надзорните тела истакнуваат дека би можело да стане збор за најсериозниот, најшокантен и досега нечуен корупциски скандал што го погодил Брисел во изминатите години.

– Во изминатите четири децении Парламентот дозволи развој на култура на неказнивост со комбинација на недостиг на финансиски правила и контроли и потполн недостиг на независен етички надзор – кажа директорот на Транспаренси интернешнл, Михиел ван Хултен, откако организацијата соопшти дека не станува збор за изолиран инцидент.

Парламентарната група на Зелените повика на целосна истрага за обвинувањата за подмитување од страна на Катар.

– Време е за реформи – додаде Ван Хултен.

Професорот по право од Белгија, Алберто Алемањо вели дека скандалот отвора повеќе Пандорини кутии одеднаш, вклучувајќи го фаличниот етички систем за европратениците, како и за скалата на надворешно влијание врз ЕУ.

Катарските власти во изјава за „Франс прес“ истакнаа дека не се запознаени со деталите за истрагата, како и дека сите тврдења за несоодветно постапување од Катар се дезинформации.

Се очекува Европската комисија да предложи формирање на независно етичко тело што ќе биде задолжено за сите институции во ЕУ, но со сигурност нема да има овластувања за истрага.

При утрешното заседавање на Европарламентот, претседателката Роберта Мецола ќе се соочи со притисок да ја разреши Каили од потпретседателската функција, а пратениците веројатно ќе го одземат нејзиниот имунитет. Каили веќе е суспендирана од нејзината пратеничка група, како и од партијата ПАСОК во Грција.