Фото: Принтскрин

Новата претседателка на Перу, Дина Болуарте, ја именуваше владата од 19 министри, откако парламентот го разреши нејзиниот претходник Педро Кастиљо.

Поранешниот обвинител специјализиран за борба против корупцијата, Педро Ангуло е назначен за премиер.

Министерството за надворешни работи ќе го раководи Ана Сесилија Герваси, а економијата Алекс Контрерас. За министер за одбрана беше назначен адвокатот Луис Алберто Отарола.

Болуарте не ја исклучи можноста за предвремени избори, како што бараа приврзаниците на поранешниот претседател.

По неуспешниот обид да се распушти парламентот и да се воведе вонредна состојба, маневар опишан како „државен удар“, Кастиљо во четвртокот беше ставен во истражен затвор во траење од седум дена по жалба на Јавното обвинителство, обвинувајќи го за бунт и заговор.

Перу смени шест претседатели во последните шест години.

Дина Болуарте е првата претседателка на Перу во поновата историја на јужноамериканската држава. Таа има 60 години и по професија е адвокат.