Објавувањето ранг-листа на највлијателни држави, внимателно и темелно направена, според повеќе релевантни критериуми поврзани со државните економии, политики, војска, спорт, култура итн. – секогаш е интересно за пошироката јавност. Токму израелскиот весник „Ерусалим пост“ (ЈП) ја објави листата на највлијателните земји во светот за минатата 2022 година, компилирајќи ги своите истражени податоци со оние од повеќе американски медиуми. Во текстот се наведува дека споредбата се заснова на набљудување колкаво влијание има секоја земја во меѓународни рамки, како и нејзината политичка, економска и воена моќ
Израелски весник објави листа на највлијателни земји во светот
Според израелскиот весник „Ерусалим пост“ (ЈП) првото место го зазедоа Соединетите Американски Држави, кои порталот „Ју-ес њуз“ ги нарече „најдоминантна економска и воена сила во светот“. Порталот објави дека културниот печат на САД се протега во светот, а во првите редови на тоа е „популарната култура изразена во музиката, киното и телевизијата“. Сепак, порталот исто така нагласи дека САД се во време на „немири“, вклучувајќи и расно мотивирани протести, особено по аферата Џорџ Флојд, која ја разбранува земјата.
Кина е на второ место. Најнаселената земја во светот, наедно и втора по големина економија во светот, е под водство на Кинеската комунистичка партија. Американскиот портал пишува дека „земјата страда од внатрешни борби и растечка нееднаквост, како и од обвинувања за прекршување на човековите права“. Но, и покрај сето тоа, Кина има огромно влијание врз светот!
И додека првите две места се очекувани, можеби најголемото изненадување што го претстави ЈП, повикувајќи се на текстот на американските медиуми, е она што се однесува на третото и четвртото место на листата на највлијателни земји во светот.
Така, се наведува дека, и покрај војната во Украина, Русија го зазеде третото место. На тоа, секако, влијаеше начинот на кој Русија се перципира во светот поради инвазијата на Украина и западните санкции против економијата на таа земја. Но се наведува дека сè уште е најголемата земја во светот по површина и е исто така една од најголемите светски економии, благодарение на производството на нафта и гас. Порталот исто така истакна дека Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и исто така учествува во Г20.
На четврто место, и покрај големата економска и енергетска криза, е Германија, најнаселената земја во Европската Унија. Американскиот портал истакна дека земјата има една од најголемите економии во светот и презеде значајна улога во меѓународната заедница од обединувањето во 1990 година. Исто така, Германија е еден од најголемите увозници и извозници во светот.
Велика Британија е на петтото место. Обединетото Кралство е „високоразвиена нација, која има значително економско, политичко, научно и културно влијание“. Исто така, беше истакнато дека Британија е дел од политичките и трговските сојузи во светот, но и дека одлуката за напуштање на Европската Унија е критикувана на големо. Исто така, се истакнува дека главниот град Лондон игра голема улога во глобалниот финансиски систем и има „долга историја на придонес во уметноста и науката“.
На шестото место е Јужна Кореја (лани беше на осмото место), потоа Франција, па Јапонија, ОАЕ и на крајот – на десеттото место Израел, за што на американската веб-страница се вели: „И покрај нејзината големина, земјата одигра значајна улога во глобалните работи“. Исто така, забележавме дека Израел има силна економија и е од огромно значење за Евреите низ светот. Сепак, во оцената се истакнува дека Израел има постојани конфликти со Палестинците и е обвинет за прекршување на човековите права. Исто така, беше објавено дека главните извозни производи на Израел се дијаманти, технолошка опрема и лекови. Израел се искачи за едно место во однос на минатата година, кога беше на 11-то место“.
Подготвил: Mарјан Велевски