Фото: Пиксабеј

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) тврди дека илјадници мобилни телефони од брендот Ајфон (iPhone) на руски дипломати во странски земји претрпеле масовен хакерски напад. Во вчерашното соопштение е наведено дека хакерите наводно ги нападнале телефоните на дипломатите кои работат во руските амбасади и конзулати во земјите кои се членки на НАТО, поранешните советски републики, како и во Кина, Израел и Сирија.

Во соопштението не се дадени детали или докази за наводниот сајбер напад, само се вели дека „непозната“ апликација која цели на ранливи делови на оперативниот систем iOS била користена од хакерите.

-Информациите добиени од руските специјални служби укажуваат на блиска соработка меѓу американската компанија Ејпл (Apple) со националната безбедносна заедница, поточно со американската Агенција за национална безбедност (НСА) и потврдува дека декларираната политика за обезбедување доверливост на личните податоци на корисниците на уредите на Ејпл не соодветствуваат на реалноста – се вели во соопштението на ФСБ.

Од американската компанија Ејпл и американската Агенција за национална безбедност сè уште не ја коментираат изјавата на руската федерална служба.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите во Москва посочи дека соопштението на ФСБ „заслужува внимание иако нема овластување“ да се ограничи употребата на Ајфон од страна на официјални лица.

Песков додаде дека додека некои од функционерите на Кремљ користат Ајфон, почнале да ги заменуваат своите телефони со други брендови.

Руските медиуми во март објавија дека на некои руски функционери, наводно, им било кажано да ги отфрлат своите телефони од брендот Ајфон поради безбедносни ризици. Ајфон и НСА претходно се судрија околу обезбедувањето на таканаречената задна врата за да се овозможи пристап до податоците на корисниците. Компанијата таквите барања жестоко ги одби.