Руските воени власти соопштија дека спречиле голема украинска офанзива во регионот Донецк.
– Целта на непријателот беше да ја пробие нашата одбрана на делот од фронтот што тој го сметаше за најранлив“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана во Москва – Игор Конашенков, пренесе ТАС.
Како што додаваат од руското министерство, Украина ја почнала офанзивата синоќа на пет дела од фронтот, а украинските вооружени сили загубиле повеќе од 250 војници. Ваквата информација не може да се потврди од независни извори.
Од Киев засега нема коментари.
Во текот на викендот, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за контраофанзива за враќање на областите окупирани од Русија.
Гувернерот на рускиот град Белгород соопшти дека во тој регион избувнал пожар во енергетска централа. Вјачеслав Гладков, гувернерот на Белгород, тврди дека пожарот бил предизвикан од бомба фрлена од дрон.
добивај вести на вибер
Тој тврди дека во нападот нема повредени, а објектот не е оштетен.
Проукраинските сили составени од руски бунтовници со денови вршат диверзантски акции во Белгород.