Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва ќе се обиде да ги брани своите интереси „со сите расположливи средства“, пренесе Ројтерс.
Путин ги даде овие коментари за време на телевизиската сесија на рускиот Совет за човекови права, велејќи дека Западот ја третира Русија како земја од „втора класа“ која нема право да постои. Тој рече дека Рускиот совет за човекови права може да биде важно меѓународно место за заштита на човековите права.
– Верувам дека нашиот Државен совет како институција веќе соработува со бројни граѓански организации во Русија, но и во странство, и може да стане важно меѓународно место каде што може да се разговара за прашањата за човековите права и заштитата во современиот свет – рече Путин.
Тој додаде дека „доктрината за човекови права се користи глобално за да се уништи суверенитетот на државите и да се поддржи доминацијата на Западот“.
– Гледаме дека оваа доктрина се користи за уништување на суверенитетот на државите, за оправдување на западната политичка, финансиска, економска и идеолошка доминација – истакна рускиот претседател.
Тој соопшти и дека Русија распореди во Украина речиси половина од регрутираните во делумната мобилизација на резервистите, односно околу 150.000 војници.
– Од 300.000 наши мобилизирани борци, наши луѓе, нашите бранители на татковината, 150.000 се во оперативната зон – рече Путин за време на состанок кој беше во живо пренесуван на телевизија.
Тој прецизираше дека од тој број, 77.000 резервисти биле директно распоредени во борбите. Путин призна дека конфликтот во Украина е „долг“ и во исто време ги пофали „значајните резултати“ во врска со анексијата на четири украински региони.
– Се разбира, тоа е долг процес – рече Путин на состанокот, пред да ја поздрави „појавата на нови територии“ како „значаен резултат за Русија“.