Фото: Марија Таушанска

По концертот на Јаков Дренковски, Аљоша Симјановски, Џина Папас – Џокси, Жаклина Стевковска и Александар Стефановски – Јаблан во „Паблик рум“

Македонските акустичари Јаков Дренковски, Аљоша Симјановски, Џина Папас – Џокси, Жаклина Стевковска и Александар Стефановски – Јаблан, вчеравечер, во интимниот амбиент на поткровјето на „Паблик рум“ (Public Room) одржаа концерт на кој, преку песните што ги интерпретираа ја раскажаа својата музичка приказна, долга 30, 40, 50 години.

Оваа уникатна музичка фузија, што ја иницираше Џокси, разбуди многу спомени и нѐ облеа со носталгија за едно дамнешно време, кога искреноста, желбата и дарбата, беа доволни за влез на македонската музичка сцена.

Фото: Марија Таушанска

Прв настапи Аљоша Симјановски, музичар, режисер, колуминист, кој со звуците, најпрво на својот клавир, нѐ врати „во едно бурно време кога постоело едно мирно племе, на брегот на Вардар, во кое сите сонувале на глас“.

„Од придружба само глас и гиртари, не викаа акустичари“, пееше тој.

Аљоша потоа придружуван од својата гитара испеа песна за неговото Скопје, кога било мал град, со голема душа, во кој и денес стои еден урнат перон. Нѐ потсети и на своите авторски бисери за безнадежно несовршениот свет во кој живееме, а се пошегува и дека е најстариот жив кантавтор во Македонија.

Фото: Марија Таушанска

Џокси и Јаблан ги слушнавме со некои од песните на акустичната група „Макакус“ во која своевремено и двајцата членувале, кои и денес звучат автентично. Слушнавме и по некоја приказна за песните кои се запишани во нивниот репертоар. Прва беше „Кловн и кукла“, па „Шеташ сама“, создадена во далечната 1979 г, а песната „Две уводни…“, е од понов датум.

Џокси, кој беше најрасположен за зборување вечерта, ни откри дека кога ги правел првите снимки во МРТ тогашните продуценти не му дозволиле да ја сними песната „Македонија“ бидејќи во текстот стоело „Вардар тече кон Егејско Море“, а и „Велигден“ била под знак прашање. Тогаш се собрале десетина уредници во Македонското радио, на кои им пречело што се пее за верски празник. По макфестовската „Побарај ме со песна“ од далечната 1994 година, што Џокси ја отпеа со Жаклина, тие заедно ја исполнија и „Муза“.

Фото: Марија Таушанска

Јаблан, пак, ни откри дека хитот „Глинени очи“ на групата „Триангл“, всушност прво имал акустична верзија со групата „Макакус“, што имавме задоволство да ја слушнеме синоќа.

На сцената се качи и Јаков Дренковски и сите заедно ја исполнија песната „Разделба“, која разбуди убави чувства кај сите, а Џокси се присети дека во овој состав настапувале и на македонскиот акустичарски фестивал „Афес“.

По нив, пејачката и глумица Жаклина Стевковска сама на сцената со својот пробивен, а истовремено топол глас претстави дел од својот репертоар, со кој се уште настапува во клубовите во Скопје и низ земјата. Секако концертот не можеше да помине без „Писма неотворени“, на Венко Серафимов, новата „Мајски дождови“ создадена на 20 април во 2 часот по полноќ , „Сам и осамен“, „Сонце мое“ од 1986 година, а по желба на Џокси, прозвуче и „Недела“, во која на симпатичен начин, ни раскажа и дел од својата животна приказна. Нејзиниот блок заврши со „Балада“, која ја напишала во 1994 година.

Фото: Марија Таушанска

И како што поминуваше времето, публиката се посилно раскоплескаше, па и ги потпевнуваше песните, кои со многу душа ни ги испејаа музичките ветерани, кои покажаа зошто толку долго опстојуваат на македонската музичка сцена.

Последен, и со причина, настапи Јаков Дренковски, македонскиот трубадур, кој целиот свој живот и остана верен на музиката.

– Оваа вечер сите ќе ја запаметиме, таа за нас е вистински празник и извонредна можност да се поттсетиме на едно убаво време – рече Јаков Дренковски.

Фото: Марија Таушанска

Тој кажа и по неколку убави зборови за своите колeги со кои долго сработува, а ете со Џокси се и кумови.

Со глас, се уште млад и силен, тој не потсети на некои од неговите најубави песни „Темен Ерос“, „Полноќен каубој“, „Цест ла вие“, а „Сеќавање на првата љубов“ од далечната 1978 година ја исполни заедно со Жаклина. Потоа на сцената се качија и Џокси и Јаблан, па сите заедно, ја исполнија химната на македонските акустичарти, вонвременската „Скитник“.

По два часа акустични звуци, публиката бараше уште, па оваа вечер на спомени и емоции, заврши со култната „На Велигден“, која Џокси ја испеја со своите пријатели и колеги.

Посакуваме час поскоро овој волшебен концерт да има своја реприза.

Фото: Марија Таушанска