Ситуацијата во Украина, регионалните и меѓународните безбедносни прашања, како и нормализирањето на работата на дипломатските мисии на Русија и САД биле главните теми на средбата меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји, Сергеј Лавров и Марко Рубио, одржана на маргините на Самитот на АСЕАН, пренесе „Ен-би-си Њујорк“
Според руското Министерство за надворешни работи, разговорите траеле повеќе од половина час. Лавров го информирал Рубио за состојбата на фронтот во Украина, оценувајќи дека понатамошното вооружување на Киев е „неприфатливо“.
Воедно, рускиот министер ја критикувал, како што е наведено во соопштението, „дестабилизирачката политика“ на европските земји, обвинувајќи ги дека настојуваат да ѝ нанесат „стратешки пораз“ на Русија.
– Лавров повторно ја потврди подготвеноста на руската страна за политичко и дипломатско решавање на конфликтот, како и посветеноста на предлозите што американската страна ги изнесе на средбата меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп во Енкориџ, а кои рускиот претседател ги прифати – соопшти руското МНР.
На средбата било разговарано и за состојбата во Персискиот Залив, како и за други актуелни регионални и меѓународни прашања.
Лавров и Рубио ја поздравиле и обновата на целосната соработка меѓу руската вселенска агенција „Роскосмос“ и американската НАСА, како и развојот на меѓупарламентарните и културните врски меѓу двете земји.
Посебен акцент бил ставен на создавање услови за нормално функционирање на дипломатските претставништва на Русија и САД, а двете страни се согласиле да ги продолжат контактите меѓу министерствата за надворешни работи, вклучително и во рамките на меѓународните организации.
Според дипломатски извор, иницијативата за одржување на средбата дошла од американската страна.
Во руската делегација биле заменик-министерот за надворешни работи Андреј Руденко, директорот на Одделот за надворешнополитичко планирање Алексеј Дробињин и постојаниот претставник на рускиот претседател при АСЕАН, Евгениј Загајнов.
Американската делегација ја сочинувале заменичката државен секретар за политички прашања Алисон Хукер и специјалниот пратеник на американскиот претседател, Серџо Гор.
































