Фото: ЕПА

Скриен француско-германски конфликт?

Француско-германските односи се во фокусот на јавноста деновиве откога се реализираа неколку заеднички министерски состаноци и вкупно четири состаноци меѓу канцеларот Фридрих Мерц и претседателот Емануел Макрон. Последното место каде што се одржа средба меѓу Макрон и Мерц беше особено симболично. Имено, билатералната средба се реализира во замокот „Аугустусбург“ во Брил, во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, каде што претседателот Шарл де Гол и канцеларот Конрад Аденауер ги поставија темелите на француско-германското партнерство во 1962 година. Друг белег беше учеството на Мерц на парадата на францускиот национален празник, 14 јули, во Париз. Последен пат Германија присуствуваше на парадата во 2019 година, кога учествуваше тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Значајни разлики меѓу Франција и Германија

Отфрлајќи ги шпекулациите дека односите меѓу Мерц и Макрон се заладени, заменик-портпаролот на владата, Штефен Мајер, несигурно го демантираше тој впечаток на јавноста, изјавувајќи дека „апсолутно не станува збор за заладување на односите, туку напротив. Односот е многу добар и ние продолжуваме да работиме за да го одржиме така“. Но со одговор на оваа констатација се јавија други познавачи на развојот на билатералните односи на Париз и Берлин.
– Не е баш толку едноставно, смета Стефан Зајдендорф, заменик-директор на Француско-германскиот институт во Лудвигсбург. Времето откако Мерц ја презеде функцијата покажа дека навистина постојат многу значајни разлики меѓу Франција и Германија и дека оваа соработка не е автоматска, туку нешто што бара напорна работа. Разликите постојат, на пример, во енергетската политика – постепеното откажување на Германија од нуклеарната енергија во споредба со нуклеарната политика на Франција. Или во европската финансиска политика, каде што Германија редовно ги блокира француските барања за заедничко задолжување – изјави тој за „Дојче Веле“.

Неуспешни големи проекти

Најголемата парада за националниот празник на Франција откако Макрон ја презеде претседателската функција во 2017 година беше посветена на темата „Стратешко будење на Европа“. Макрон подоцна го повтори барањето во Германија. Тој сака да испрати сигнал за континуирана поддршка за Украина и за поголема европска доверба во однос на САД под водство на претседателот Доналд Трамп.
Што се однесува до Украина, Германија, по почетното двоумење, сега се согласи да учествува во првата вежба на таканаречената Коалиција на волјата. Оваа група од околу 35 земји ќе ја поддржи Украина во случај на договор за прекин на огнот со Русија. Првите вежби се планирани во Полска.
Француско-германските односи во последните недели беа оптоварени со негативни вести. Прво, неуспехот на клучните француско-германски воено-безбедносни проекти. Покрај заедничкиот проект за производство на борбени авиони ФЦАС, кој официјално е суспендиран, проектот за тенкови МГЦС исто така очигледно е на работ на пропаѓање. И потоа, на почетокот на јули, лидерката на француската опозиција, Марин Ле Пен, ја објави својата кандидатура за претседателските избори напролет во 2027 година, на кои Макрон не може да учествува. Ле Пен веќе се обиде трипати, двапати губејќи од Макрон во вториот круг од изборите. Овој пат, според анкетите, таа има шанса да стане следниот француски претседател. Тоа, според многумина аналитичари, би било „кошмар за германската влада“.

Француска нуклеарна заштита и за Германија?

Сега Мерц и Макрон се обидуваат да се фокусираат на позитивни вести. Наместо заеднички борбен авион, нивните земји сакаат да соработуваат во производството на беспилотни летала и заеднички да развиваат системи за воздушна одбрана и ракети со долг дострел.
Заменик-директорот на Француско-германскиот институт во Лудвигсбург, Штефан Зајдендорф, коментира за крајот на проектот ГЦАС.
– Оваа идеја дека политичарите можат да одлучуваат дали корпорациите развиваат големи проекти, како што се борбени авиони и тенкови, можеби е малку застарена. Сега би било поважно Франција и Германија, заедно со другите, да развијат европски пазар на одбранбена опрема – вели тој. Соработката треба да се интензивира и во областа на нуклеарното одвраќање, бидејќи во Берлин постои чувство дека американската нуклеарна заштита станува сè понесигурна. Меѓу другото, се очекува војниците да учествуваат во француска нуклеарна вежба за првпат оваа есен.

Француско-германските односи се повеќе од политика

И покрај сите надворешни прикази на хармонија, француско-германските односи се оптоварени од прашањето што би се случило ако Марин Ле Пен со партијата Национален собир (РН) победи на изборите следната година.
Јакоб Рос, експерт за Франција во Германскиот совет за надворешни односи, вели: „Најнапред, тоа би предизвикало моментален пад на довербата – како во администрациите така и во политичката соработка. Ова би довело до прекин во многу области каде што соработката во моментов е сосема природна, а информациите непречено течат од една земја во друга. Потоа, тие врски би морало повторно да се воспоставуваат“.
Но Рос верува дека тоа нема да значи крај на француско-германскиот договор за пријателство.
– Тоа сигурно би бил многу сериозен стрес-тест за овој договор меѓу Германија и Франција и за европската интеграција. Сепак, не ја исклучувам можноста да преовладее одреден прагматизам – вели тој.
Стефан Зајдендорф од Француско-германскиот институт, исто така, истакнува дека француско-германските односи се многу повеќе од политика. Во случај на победа на Ле Пен, „со секој од овие контакти во администрацијата, економијата, граѓанското општество, збратимувањето на градовите и програмите за размена на студенти, се поставува прашањето: како најдобро да се продолжи“? Токму за ова се дискутира во Берлин и се прават подготовки за таа опција. Р.С.


Македонија и германско-францускиот судир

И македонските евроинтеграции лесно можат да станат жртва на француско-германскиот конфликт?!

Некои од домашните дипломати го набљудуваат овој скриен конфликт и низ призмата на македонските евроинтеграции, односно како тоа може да се одрази врз земјава.
– Иако на прв поглед француско-германските несогласувања изгледаат како внатрешен проблем на двете највлијателни земји во Европската Унија, нивните последици лесно можат да се почувствуваат и на Балканот. Македонија со години ја гради својата европска перспектива токму врз претпоставката дека Париз и Берлин ќе имаат заедничка визија за иднината на Унијата. Ако меѓу нив се продлабочат разликите околу безбедноста, финансиите, проширувањето или идното лидерство во Европа, тогаш прашањето за новите членки лесно може повторно да падне во втор план. Во такви околности, вниманието на Брисел би се насочило кон решавање на внатрешните несогласувања наместо кон забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан – оценуваат дипломатите.
Според нив, дополнителна неизвесност носи и можната политичка промена во Франција по изборите во 2027 година, која би можела да доведе до нов пристап кон европската интеграција.
– За Македонија, но и за другите земји кандидатки за ЕУ, тоа би значело уште подолг период на чекање, без оглед на домашните реформи. Затоа, секое заладување на односите меѓу Париз и Берлин не треба да се набљудува само како дипломатски спор меѓу две големи сили туку и како фактор што индиректно може да влијае врз темпото на македонската европска агенда. Кога моторот на Европа работи со намалена сила, неговото забавување најсилно го чувствуваат токму државите што сè уште чекаат да ѝ се приклучат на Унијата – заклучуваат нашите соговорници. Р.С.