Фото: Горан Анастасовски

ЖИВОТОТ НАПИША РОМАН

Постојат приказни што не можат да се измислат, затоа што животот ги пишува подобро од секој роман. Таква е приказната за семејството Трајковски – едно обично македонско семејство со необична љубов кон животните, која успеа да допре до срцата на луѓето низ светот и да остави трага во светската култура.
Во ноември 2023 година, јавноста беше потресена од веста дека долгогодишниот зоонегувател Ристе Трајковски и неговата омилена жирафа Флопи починаа во ист ден. Веста за човекот што целиот свој живот го посвети на животните, а судбината сакаше да замине заедно со животното за кое најмногу се грижеше, предизвика лавина од емоции. Приказната ја обиколи планетата. За само неколку дена беше објавена во некои од најпознатите светски медиуми и платформи, меѓу кои „Дејли мејл“ и „Пабити“, а ја прочитаа и споделија милиони луѓе од сите континенти. Илјадници коментари, пораки и реакции пристигнуваа од различни делови на светот. Многумина признаа дека никогаш не прочитале толку трогателна приказна за односот меѓу човек и животно. Среќна затоа што сведочеше за безусловна љубов, а тажна затоа што таа љубов заврши со разделба во истиот ден. Токму затоа, оваа приказна остана запаметена како една од највиралните и најемотивни приказни поврзани со животни во светот.

Астрид Линдгрен длабоко импресионирана од чичко Драги

Но малкумина знаат дека оваа неверојатна љубов кон животните не започнала со Ристе. Таа е дел од семејното наследство што се пренесувало од генерација на генерација. Таткото на Ристе, легендарниот Драги Трајковски, познат меѓу скопјани како чичко Драги, бил долгогодишен негувател во Зоолошката градина во Скопје, каде што работел цели 38 години. За него животните не биле само работа туку животна мисија. Секој ден го поминувал грижејќи се за нив со трпение, љубов и несебична посветеност.
Токму таа човечност во 1960-тите години ја воодушевила една од најголемите писателки за деца во светот – Астрид Линдгрен, авторката на безвременската „Пипи Долгиот Чорап“. За време на нејзината посета на тогашна Југославија и Скопје, Линдгрен била длабоко импресионирана од чичко Драги и неговиот однос кон животните. Заедно со прочуената фотографка Ана Ривкин-Брик, таа овековечила дел од тој свет во фотосликовницата „Марко живее во Југославија“ („Marko bor i Jugoslavien“), објавена во 1962 година. Книгата подоцна била преведена на англиски и на германски јазик, а денес оригиналните изданија се сметаат за ретки колекционерски примероци. Ретко кое семејство може да се пофали дека две генерации оставиле толку силна трага – таткото инспирирал една од најпознатите светски писателки, а синот, шест децении подоцна, со својата животна приказна ја расплакал светската јавност.

Една од најубавите македонски приказни што го обиколија светот

Ова не е само приказна за една жирафа, ниту само за еден негувател. Ова е приказна за луѓе што покажаа дека вистинската љубов кон животните не познава граници, јазици и националности. Таа е универзален јазик што секој човек го разбира. Во време кога светот секојдневно е преплавен со негативни вести, семејството Трајковски потсети дека најсилните приказни се оние во кои нема сензација, туку искреност, добрина и пожртвуваност. Токму затоа нивната судбина продолжува да живее – не само во сеќавањата на посетителите на скопската Зоолошка градина туку и на страниците на книгите, во архивите на светските медиуми и во срцата на милиони луѓе што барем еднаш ја прочитале нивната приказна.
Животот навистина пишува романи какви што ниту најголемите писатели не можат да измислат. А приказната за Драги и Ристе Трајковски останува една од најубавите македонски приказни што го обиколија светот – сведоштво дека добрината, љубовта и посветеноста можат да остават трага што трае многу подолго од еден човечки живот.