Фото: Пекселс

Дел од претставниците на Републиканската партија во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, побараа финансиска ревизија на средствата што Конгресот ѝ ги додели на Украина од јануари 2021 година. За ова информираше Марџори Тејлор Грин, членка на Долниот дом на Конгресот од Џорџија.

– Поднесувам до Претставничкиот дом нацрт-резолуција, со што бараме од претседателот на САД, секретарот за одбрана и државниот секретар, на Претставничкиот дом да му достават релевантни документи во врска со средствата доделени на Украина со одобрување на Конгресот од 20 јануари 2021 до 15 ноември 2022 година, појасни Грин во видеопорака – јавија дел од медиумите.

Таа додаде дека „бара да се покрене ревизија за секој долар на американските даночни обврзници што во една или друга форма е префрлен во Украина“. Барањето, покрај Грин, го потпишаа уште десетмина републиканци.