Во 2021 година, светските воени трошоци за првпат надминаа две илјади милијарди долари, поточно достигнувајќи 2.113 милијарди долари, според истражувањето што го објави Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм (СИПРИ). Воените трошоци во 2021 година просечно биле повисоки за 0,7 отсто отколку една година претходно, а 12 отсто повисоки отколку во 2012 година, што покажува дека економскиот товар од пандемијата не го запрел нагорниот тренд во воените трошоци забележан од 2015 година.
Трошоците за војската како дел од БДП достигнаа 2,2 отсто во 2021 година, што е малку помалку од 2,3 отсто една година претходно. Трошоците, најверојатно, значително ќе се зголемат во делови од Европа по руската воена операција во Украина, со тоа што вознемирените европски влади ветија дека ќе ги преиспитаат трошоците за нивните вооружени сили.