Фото: Твитер/Министерство за одбрана на Украина

Војната во Украина влегува во ризик да се претвори во нешто многу поопасно. Со менувањето на политичките стратегии, воените тактики и воените цели на двете страни кое се случува неделава, можноста за конфликт во кој Москва директно ќе се соочи со НАТО одеднаш станува поверојатна, пишува „Политико“.

Изјавите од претставниците на американските и руските власти во изминатите неколку дена ја покажуваат зголемената опасност од поширока и во поголема мера непредвидлива војна. А уште еднаш вклучуваа и нескриени руски предупредувања за опасностите од нуклеарна размена, наведува европското издание на политичкиот магазин.

Се истакнува и промената на реториката на западните лидери, во однос на нивните апели до Украина од пред неколку недели, кога побарале Киев да покаже воздржаност во нападите против Русија, стравувајќи од последиците. „Политико“ ги посочува сомнежите дека тајна украинска мисија довела до пожарот во Централниот истражувачки институт на силите за воздушна одбрана во рускиот град Твер, минатиот четврток.

НАТО, пак, се обидува да преземе иницијатива, според британскиот воен историчар Хју Страчан.

– Индивидуалните земји-членки на НАТО, меѓу кои е и Британија, покажаа подготвеност за преземање ризици што ги одбиваа пред шест недели. Згора, тие го прават тоа прилично отворено, отфрлајќи ја одговорноста што ги карактеризираше нивните претходни напори за помагање на Украина – вели Страчан, истакнувајќи ја подготвеноста на Западот за испраќање на помодерна воена опрема на Украина, отколку претходно.

Западните воени цели исто така се менуваат. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, поддржан од државниот секретар Ентони Блинкен, истакна оти „Вашингтон сака да ја види Русија ослабена, до степен до кој таа не може да ги прави нештата што досега се одвиваат во Украина“. Промената во расположението на Западот уследи откако Кремљ се фокусира на регионот Донбас и на јужниот дел на Украина. Како и да заврши, јасно е дека конфликтот се вжештува, заклучува „Политико“.