Alexey Navalny
Фото: ЕПА

По информациите за смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој според руската Федералната казнено-поправна служба, починал во затворската колонија каде ја издржувал казната, реагираа челниците на светски организации и од држави, на што експресно беше одговорено од Кремљ и од руското Министерство за надворешни работи.

Говорејќи на маргините на Минхенската безбедносна конференција, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека Навални со години е силен глас за слободата и демократијата и дека „сите факти мора да се утврдат и Русија има сериозни прашања да одговори“. Од Минхенската конференција реагираше и американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој рече дека „повеќе од една деценија руската влада го прогонува и затвора Навални и сега доаѓаат и извештаи за неговата смрт“.

Реакции имаше и од ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на социјалната мрежа Х објави дека е длабоко вознемирена и тажна од веста за смртта на Навални и оцени дека „Путин не се плаши од ништо повеќе“, а нејзиниот колега Жозеп Борел изјави: „Додека чекаме дополнителни информации, да бидеме јасни: Ова е единствена одговорност на Путин“.

Сопругата на Алексеј Навални, Јулија Навалнаја, изјави дека не знае дали треба да верува во страшната вест што ја добиле и дека чека независна потврда на тоа.

Захарова: Истрагата е во тек, а Западот веќе дава заклучоци

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека за смртта на Навални е известен рускиот претседател Владимир Путин и дека Федералната казнено-поправна служба спроведува проверка и дека не се потребни дополнителни налози.

-Колку што сега знаеме, во согласност со постоечките правила, Федералната служба за спроведување на затворските казни ги врши сите проверки, ја разјаснува ситуацијата. Не се потребни налози, бидејќи постои процедура за такви ситуации по која што Федералната служба сега се раководи – рече Песков.

Портпаролката на руското Министерство на надворешни работи, Марија Захарова, реагираше на изјавата на лидерот на НАТО за смртта на Навални, нарекувајќи ја неговата реакција „самооткривачка“ и дека истрагата е во тек, а Западот веќе носи заклучоци.

-Реакцијата на лидерот на НАТО за смртта на Навални во форма на директни обвинувања против Русија е самооткривачка. Форензичкото вештачење е во тек, но заклучоците на Западот се веќе готови – напиша Захарова на Телеграм.

Реакција имаше и од рускиот Парламент. Парламентарниот спикер Вјачеслав Володин нагласи дека „западните лидери имаат корист од смртта на Навални, бидејќи ја губат битката во Украина“.

Руската поправна служба во објави дека Навални починал во затворската колонија каде ја издржувал казната. Службата навела дека Навални изгубил свест откако прошетал во арктичката автономна област Јамал-Ненет, каде што се наоѓа колонијата. Од Обединетите нации денеска побараа од Москва веродостојна истрага за смртта на опозиционерот.