Фото: ЕПА

Рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе ја продолжи војната против Украина и ќе ги зајакне руските вооружени сили за време на новиот претседателски мандат. Тој, исто така, се закани дека ќе ги третира „предавниците“ од волонтерски формации „како да се во воена зона“. Во говорот во изборниот штаб Путин рече дека високата излезност на изборите е последица на драматичните настани низ кои поминува земјата.

– Ние сме принудени буквално да ги браниме интересите на нашите граѓани со оружје во раце – рече Путин, мислејќи на вооружената агресија против Украина, која тој ја почна пред повеќе од две години.

Зборувајќи за предизвиците на неговиот нов мандат, рускиот претседател истакна дека е неопходно да се решат задачите на специјалната воена операција и да се зајакнат одбранбените капацитети и вооружените сили.

Тој, исто така, рече дека на сите агенции за спроведување на законот ќе им биде наложено да го разоткријат секој што се бори против Русија со оружје.

Според Путин, претставниците на Рускиот волонтерски корпус „се фрлаат како топовско месо во мелница за месо на државната граница“. Тој го спореди РВЦ со војската на Власов (Руси кои се бореле на страната на Германците во Втората светска војна) и тврди дека од 1.500 доброволци „околу 800 луѓе биле убиени“. Оваа групација, составена од Руси, се бори на страната на Украина против руската инвазија од самиот почеток и неодамна тие ја презедоа одговорносста за упади на руска територија.

Путин вели и дека во Русија нема смртна казна, но „ќе се однесуваме со предавниците како да се во воена зона“.

Шефот на Кремљ, исто така, рече дека Русија „е за мировни преговори, но само доколку тоа не е затоа што на непријателот му снемува муниција“.

Путин изјави и дека Русија во одреден момент би можела да создаде „санитарна зона“ (тампон зона) на територијата на Украина. Тврди дека ќе биде толку длабока што средствата за уништување, пред се од странското производство, тешко ќе ја надминат.

САД, Велика Британија, Германија, Украина и Полска ги оценија како неслободни, нефер и недомокарстки претседателските избори во Русија на кои според првичните резултати, Путин ќе освои уште еден шестгодишен мандат како шеф на државата.

-Изборите во Русија не беа ниту слободни, ниту фер – е првата оценка на САД по објавувањето на првичните резултати од руските претседателски избори.

Белата куќа соопшти дека изборите во Русија „очигледно не биле слободни, ниту фер со оглед на тоа како Путин ги затворал своите противници и ги спречил другите да се кандидираат против него“.

Британскиот Форин офис, пак, оцени дека „со незаконското одржување избори на украинска територија, Русија покажува дека не е заинтересирана да се најде начин за мир“.

– Велика Британија ќе продолжи да дава хуманитарна, економска и воена помош за Украинците кои ја бранат својата демократија – се наведува во соопштението од Форин офисот.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека „псевдоизборите во Русија не се ниту слободни, ниту фер, а резултатот никого нема да изненади. Владеењето на Путин е авторитарно, тој се потпира на цензура, репресија и насилство“.

– „Изборите“ на окупираните територии на Украина се ништовни и друго кршење на меѓународното право – оценува МНР на Германија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање кажа дека во Русија имало „имитација на избори, кои немаат легитимитет“.

– Деновиве рускиот диктатор симулира нови избори. На сите во светот им е јасно дека оваа личност, како што веќе често се случуваше во текот на историјата, едноставно е болна за власт и прави се за да владее вечно – наведе Зеленски.

И полските власти вечерва соопштија дека претседателските избори во Русија „не се легални“.

– Претседателските избори во Русија не се легални, слободни и фер – се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи на Полска.

Според официјална Варшава, гласањето било одржано „во контекст на тешка репресија“ и во региони на Украина окупирани од Русите, што е кршење на меѓународното право.