Фото: Руски претседател/Твитер

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша Федералниот закон за конфискација на имот за лажни вести за армијата, кој беше објавен на официјалната веб-страница со правни документи.

Во тек се измени на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, пренесуваат руските медиуми.

На 7 февруари, Советот на Федерацијата, Горниот дом на рускиот Парламент, усвои Закон со кој се конфискува имотот на осудените за ширење лажни информации за вооружените сили на Руската Федерација и повикување на активности насочени кон поткопување на интегритетот и безбедноста на Русија.

Во образложението се наведува дека во документот се воведува механизам за конфискација на пари, вредни предмети и друг имот за ширење лажни вести за руската армија, како и ако тој имот се користи за финансирање на криминал и какви било други активности насочени против државната безбедност.

Државната дума, Долниот дом на рускиот Парламент, го усвои овој Закон на 31 јануари.

Според руските закони донесени минатиот март, дискредитирањето на вооружените сили или ширењето лажни информации за војската се казнува со долги затворски казни.